Ирска успеа да ја израмни кривата на случаи на зараза со новиот коронавирус и веќе не очекува нагорна линија на пораст, соопшти денеска шефот на ирските медицински служби Тони Холохан.
„Сметаме дека толку ја израмнивме кривата што нема да има нејзино зголемување“,
изјави Холохан за државниот канал РТЕ.
Според податоците на министерството за здравство, во Ирска досега има 13 980 потврдени случаи на ковид-19 и 530 починати од болеста.
Холохан истакна дека населението го почитува ограничувањето на движење воведено на 28 март што ќе трае до 5 мај, оценувајќи дека со тоа се спасени стотици животи.
Тој потенцира дека сегашните проценки се дека бројот на новозаразени кои ќе ги зарази секој пациен е сведен на помалку од еден.
„Тоа значи дека, во просек, една заразена личност го пренесува вирусот на помалку од едно лице. Ако продолжиме по тој пат, стапката на зараза и натаму ќе опаѓа“,
додаде тој.
Сепак и натаму постои загриженост поради високата стапка на смртност во пензионерските домови и во домовите за нега на стари и изнемоштени лица. Ирската здравствена служба вчера соопшти дека околу 60 отсто од починатите во земјата живееле во такви домови.