Според иранските медиуми, се очекува Арагчи да разговара со Путин за натамошна координација меѓу двете земји, со фокус на регионалните и меѓународните прашања, како и за унапредување на заедничките програми и дипломатската соработка
Посетата на иранскиот министер во Москва се случува и по новиот дипломатски застој меѓу Иран и САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа планираната посета на своите пратеници во Пакистан, каде што требаше да се одржат нови контакти со иранската страна
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска пристигна во Санкт Петербург, каде што е планирано да оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Си-ен-ен. Посетата доаѓа во момент кога разговорите помеѓу Техеран и Вашингтон се во застој, а Москва сè поотворено се позиционира како главен дипломатски сојузник на Иран.

Арагчи во Русија доаѓа по посетата на Оман, каде што разговорите биле фокусирани на начините за обезбедување безбеден транзит во Ормускиот Теснец, во корист на сите соседи и светот.
Според иранските медиуми, се очекува Арагчи да разговара со Путин за натамошна координација меѓу двете земји, со фокус на регионалните и меѓународните прашања, како и за унапредување на заедничките програми и дипломатската соработка.
Иранскиот амбасадор во Москва изјави дека средбата ќе биде посветена на координирање на интеракциите и унапредување на заедничките програми на регионално и на меѓународно ниво, што дополнително ја нагласува намерата на Техеран да ја зацврсти соработката со Кремљ во услови на зголемени тензии со САД.
Посетата на Арагчи се случува и по новиот дипломатски застој меѓу Иран и САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа планираната посета на своите пратеници во Пакистан, каде што требаше да се одржат нови контакти со иранската страна.
Трамп во неделата ја бранеше својата одлука, изјавувајќи дека иранските власти можат да се јават доколку сакаат да продолжат со разговорите, повторувајќи дека конфликтот би можел многу наскоро да заврши.
Во вакви околности, како што пишуваат светските медиуми, посетата на Арагчи на Русија се оценува како обид на Иран да обезбеди дополнителна политичка и дипломатска поддршка од Москва, која во актуелната криза останува еден од ретките стратешки партнери на Техеран на меѓународната сцена.
Според американскиот медиум „Аксиос“, повикувајќи се на американски официјален претставник и двајца извори запознаени со преговорите, Иран испрати нов предлог до Соединетите Американски Држави (САД) за деблокирање на Ормускиот Теснец и ставање крај на војната и за одложување на разговорите за нуклеарната програма за подоцнежна фаза.
