„Секој обид на непријателот да ги нападне бреговите или островите на Иран, природно, во согласност со вообичаената воена пракса, ќе доведе до минирање на сите пристапни правци и линии за комуникација во Персискиот Залив и по должината на брегот со разни видови поморски мини, вклучително и пловечки мини што можат да се постават од брегот“, се вели во соопштението на Иранскиот совет за одбрана
Иранскиот совет за одбрана се закани дека ќе распореди морски мини што би го блокирале целиот Персиски Залив во случај на напад врз брегот или островите на Иран, пренесува „Гардијан“.

„Секој обид на непријателот да ги нападне бреговите или островите на Иран, природно, во согласност со вообичаената воена пракса, ќе доведе до минирање на сите пристапни правци и линии за комуникација во Персискиот Залив и по должината на брегот со разни видови поморски мини, вклучително и пловечки мини што можат да се постават од брегот“,
се вели во соопштението на Иранскиот совет за одбрана.
Според Советот, во случај целиот Персиски Залив да се најде во ситуација слична на Ормускиот Теснец, тогаш тој и практично ќе биде блокиран.
„Одговорноста за тоа ќе биде на страната што се заканува“,
додаваат оттаму.
Според американскиот портал „Аксиос“, Вашингтон разгледува планови за заземање или блокада на иранскиот остров Харк, голем центар за извоз на нафта, со цел да изврши притисок врз Техеран повторно да го отвори Ормускиот Теснец.
Иран им дозволи на некои пријателски земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Пакистан да имаат безбеден премин на своите бродови низ Теснецот, но практично го затвори за други, со напаѓање бродови и наводно поставување мини во водниот пат, предизвикувајќи голема криза на глобалните енергетски пазари.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека Соединетите Американски Држави ќе ги уништат иранските електрани доколку Иран за 48 часа целосно не го деблокира Ормускиот Теснец.
Тој ова го најави во објава на својата социјална мрежа Трут соушл во 23:44 часот по Гринич на 21 март, што значи дека Иран има рок до 23:44 часот по Гринич на 23 март (03:14 часот во Техеран на 24 март), да го исполни неговото барање.
Ормускиот Теснец, низ кој минуваат околу 20 отсто од светските испораки на нафта и течен природен гас, во моментов е блокиран од Иран.
Блокадата и иранските напади врз бродовите во Теснецот доведоа до зголемување на цените на нафтата во последните недели.
