По воздушниот напад на САД во кој беше убиен иранскиот генерал Касим Сулејмани, од Иран велат дека биле разгледувани околу 13 одмазднички сценарија. Секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност, Али Шамани, изјави денеска дека и најслабото сценарио може да биде катастрофално за САД.
„Американците треба да знаат дека досега е разговарано за 13 можни сценарија во овој Совет и доколку постои консензус да се реализира и најслабото сценарио тоа би можело да биде историски кошмар за Американците“,
предупреди Али Шамани.
Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, повика на воздржаност и намалување на растечките тензии меѓу САД и Иран.
Столтенберг, кој претседаваше вчера со вонредна средба на амбасадорите на НАТО во Брисел, рече дека 29-те сојузници повикале на воздржаност и деескалација и додаде дека новиот конфликт нема да биде во интерес на никого.
Иранскиот парламент, пак, денеска донесе закон со кој ги означи сите вооружени сили на САД како терористички.
Парламентот неодамна усвои закон што ги означува како „терористи“ сите американските сили во Африка, Централна Азија и Блискиот Исток. Новиот закон сега важи за Пентагон, односно сите американски сили и сите лица вклучени во убиството на Сулејмани.
Иранскиот генерал ќе биде погребан денеска во родниот град Керман на југоисток каде што утрово започнаа да се собираат граѓани.
Сулејмани беше убиен во петокот на аеродромот во близина на Багдад во напад од американско беспилотно летало по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.