Иранскиот претседател Хасан Рухани рано утрово призна дека истрагата на иранските вооружени сили покажала дека проектили истрелани поради „човечка грешка“ се причината за падот на украинскиот авион, несреќа во која загинаа 176 луѓе.
The Islamic Republic of Iran deeply regrets this disastrous mistake.
— Hassan Rouhani (@HassanRouhani) January 11, 2020
My thoughts and prayers go to all the mourning families. I offer my sincerest condolences. https://t.co/4dkePxupzm
„Внатрешната истрага на вооружените сили заклучи дека, за жал, проектили истрелани поради човечка грешка ги предизвикаа ужасниот пад на украинскиот авион и смртта на 176 невини луѓе. Истрагата продолжува да идентификува и да гони за оваа голема трагедија и непростлива грешка“
напиша иранскиот претседател Хасан Рухани на Твитер.
Иран „длабоко жали“ за грешката, продолжува Рухани на Твитер.
„Моите мисли и молитви одат за сите ожалостени семејства. Го изразувам моето најискрено сочувство“,
напиша Рухани.
Иранското МНР, сепак, ги обвинува и САД
Признанието на вината на војската и претседателот на Иран се во голема мера изненадувачки и затоа што изминативе денови официјален Техеран со гнев ги отфрлаше сите информации дека авионот можеби е урнат од проектил. Притисокот се зголеми од завчера, кога лидерите на Канада, САД и Велика Британија јавно соопштија дека имаат разузнавачки информации дека патничкиот авион бил соборен со проектил, веројатно по грешка.
По промената на наративот од Техеран, дека сепак тие го урнале авионот, на Твитер се обрати и иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф. Вината за несреќата тој делумно ја префрли и на САД.
„Тажен ден. Прелиминарните заклучоци на внатрешната истрага на вооружените сили:
Човечка грешка во време на криза предизвикана од авантуризмот на САД доведе до катастрофа.
Изразуваме искрено жалење, извинување и сочувство на нашите луѓе, на семејствата на сите жртви и сите други засегнати нации“,
напиша Зариф на Твитер.
Што вели извештајот на иранската армија
Западните медиуми, повикувајќи се новинарските извештаи од Иран, ги пренесуваат и клучните заклучоци од прелиминарниот извештај на иранските вооружени сили. Документот вели дека неколку часа по нападот со проектили на Иран кон американски цели во Ирак, воените летови на војската на САД околу границата на Иран се зголемиле. Ирански воени лица известувале дека гледаат воздушни цели кои доаѓаат кон иранските стратегиски центри.
Многубројни центри за одбрана низ Иран известиле за зголемена радарска активност што предизвикало зголемена чувствителност во центрите за противвоздушна одбрана во земјата.
Под такви околности, украинскиот лет 752 полетал од аеродромот „Имам Хомени“ во Техеран и дошол во близина на чувствителен воен центар, на висина и во услови на лет, кои многу потсетувале на непријателска цел.
Поради овие околности, авионот ненамерно бил погоден, што според иранската војска „за жал резултираше со смрт на многу Иранци и државјани на други држави“.
Американски експерти: Иран мораше да го затвори воздушниот простор по нападите со проектили
Во американските медиуми веќе се анализираат податоците дека срушениот украински авион не бил првиот кој полетал таа вечер, откако Иран истрела десетици балистички проектили кон цели во Ирак каде што се сместени американски војници. Така што, не е до крај јасно зошто токму украинскиот авион ги запалил алармите, а не патничките авиони кои полетале од Техеран пред него.
Голем дел од експертите во САД сепак се на ставот дека Иран воопшто не смеел да го дозволи тој ризик, односно дека патничкиот сообраќај требал да биде затворен за време и по воздушните напади.
„Имате многу жежок, предизвикувачки и густ воздушен простор над Иран. Сите се на високо ниво на готовност, загрижени се и има многу хаос. А тие допуштаат комерцијалните летови непречено да го напуштаат Техеран, што мислам дека е неверојатно неодговорно“,
изјави пензионираниот генерал-мајор Џејмс Маркс за Си-ен-ен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека очекува целосна истрага и отштета од Иран.
Тој преку соопштение појасни дека тоа би подразбирало Иран да се обврзе дека е подготвен да спроведе целосна и отворена истрага, виновниците да одговараат, да се вратат телата на загинатите, да исплати отштета и официјално да се извини по дипломатски пат.