Од Здружението велат дека нивниот став го темелат врз основа на роковите кои биле определени со одлуката на Владата во која се вели дека понудувачот требало да склучи договор во рок од три месеци од денот на стапувањето во сила на оваа одлука – рок што истекол пред два дена
Во соопштението на Здружението на инженери на Република Македонија се наведува дека нивниот став го темелат врз основа на роковите кои биле определени со точката 5 од одлуката на Владата донесена на 14 септември годинава, во кое се вели дека понудувачот требало да склучи договор во рок од три месеци од денот на стапувањето во сила на оваа одлука – рок што истекол пред два дена.
„Оваа одлука е влезена во сила на 15 септември 2023 година, а согласно точката 5 од оваа одлука, најповолниот понудувач ‘ППЦ – Архиродон’ беше должен во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на оваа одлука (15 декември 2023 година), да склучи договор за заедничко вложување и да основа друштво за посебна намена со Акционерското друштво за производство на електрична енергија ‘Електрани на Северна Македонија’, во државна сопственост, Скопје“,
се вели во соопштението на Здружението на инженерите на Република Македонија.
Дополнително, велат, со оглед на тоа дека рокот кој бил предвиден со оваа одлука е истечен, договор веќе не може да се потпише.
Претходно, рокот на грчката компанија „Архиродон“ за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ беше продолжен, а министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова најави дека до крајот на годинава ќе има конкретни информации дали ќе продолжи постапката за изградба на „Чебрен“ или не.
„Жалбената постапка е запрена и повторно ги разгледувавме жалбените наоди и нивната оправданост. Тоа не значи дека постапката за ‘Чебрен‘ престанува, односно значи дека продолжува“,
рече Шукова.
Нагласи дека избраната компанија со одлуката за избор од 14 септември годинава ќе биде информирана дека треба да пристапи кон исполнување на обврските од веќе донесената одлука.
„Од грчката компанија ‘Архиродон’ се жалеа на содржината на одлуката бидејќи, согласно Законот за води, прво мора да добиете дозвола за води, а потоа да се потпише договор за концесија. Тие сметаат дека треба прво да се потпише договор за концесија, а потоа постапката да продолжи понатаму“,
појасни Шукова.
Меѓутоа, како што кажа, во случајов Законот за води е лекс специјалис во однос на Законот за јавни набавки и Законот за концесии.
„Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на годината и ако ја продолжат, ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот“,
истакна Шукова и додаде дека до крајот на годината ќе има информации во која насока ќе оди постапката.
Со одлука на Владата на 14 септември се овозможи реализација на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ на Црна Река, со што треба да се стави крај на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении. Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
„Владата на 185. седница донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ‘Публик пауер корпорејшн С.А и Архиродон груп Н.В.’ од Грција (PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece), односно ‘ППЦ-Архиродон’, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација“,
стоеше во соопштението од владината прес-служба.