Лошото образование, недостапното домување, нестабилните работни места, политичката нестабилност и корупцијата се меѓу факторите што го попречуваат оформувањето семејство и предизвикуваат иселување од земјите од Источна Европа, смета Флоренс Бауер, регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА
Бауер смета дека со зајакнувањето на позицијата на жената може да се придонесе кон демографска отпорност на населениот од овие земји. Таа вели дека владите можат да ги прошират семејните политики вклучувајќи ги и политиките за грижа за децата, на родово чувствителен начин, да се осврнат на дискриминаторските родови норми, да ги отстранат многуте нееднаквости на пазарот на труд поврзани со мајчинството, да ја променат културата на работното место, да ја зајакнат економската заштита и да ги прераспределат неплатените обврски за грижа
Бауер е директорка на УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации за регионот на Источна Европа и Централна Азија. УНФПА ги поддржува земјите од регионот во зајакнувањето на нивната отпорност на демографски промени

За Источна Европа честопати се вели дека се соочува со демографска криза. Дали e ова точно?
Бауер: Источна Европа има некои трендови со остатокот од Европа, како што се ниски стапки на наталитет и население што старее. Но, овие трендови се забрзуваат како резултат на емиграцијата во регионот. Комбинацијата на ниски стапки на наталитет и негативен миграциски баланс – многу повеќе луѓе се иселуваат отколку што се доселуваат во земјите од регионот – доведе до значителен пад на бројот на население и го забрза темпото на стареење на населението. Ова доведува до низа предизвици, на пример за иднината на системите за социјална заштита. Сепак, нема причина за вознемиреност – владите можат да направат многу за да ги ублажат негативните последици и целосно да ги искористат можностите што доаѓаат со демографските промени.
Дали фокусот треба да биде ставен на зголемување на стапките на фертилитет?
Бауер: Голем дел од јавниот дискурс околу демографските промени во регионот е фокусиран на ниските стапки на наталитет и како жените да се натераат да имаат повеќе деца. Ова доведува до наметнување вина и притисок врз жените и честопати до игнорирање на основните фактори што го попречуваат основањето семејство и предизвикуваат иселување, какви што се лошото образование, недостапното домување, нестабилните работни места, политичката нестабилност и корупцијата. Поради тоа, фокусот на стапките на фертилитет може да биде контрапродуктивен и потенцијално штетен. Притоа, постои ризик вниманието да се одвлече од вистинските решенија за демографските предизвици и да се уназади деценискиот напредок во областа на родовата еднаквост, репродуктивните права и зајакнувањето на жените, со можни далекусежни негативни последици врз стабилноста и развојот на земјите.
Дали ова значи дека нема смисла да се решава прашањето на ниските стапки на фертилитет?
Бауер: Воопшто не. Во речиси сите земји од регионот гледаме дека луѓето велат дека сакаат повеќе деца отколку што, всушност, имаат. Овој јаз помеѓу намерите на луѓето за основање семејство и оствареното семејство е просторот што владите го имаат за да направат разлика. Тие можат да ги прошират семејните политики, вклучувајќи ги и политиките за грижа за децата, на родово чувствителен начин, да се осврнат на дискриминаторските родови норми, да ги отстранат многуте нееднаквости на пазарот на труд поврзани со мајчинството, да ја променат културата на работното место, да ја зајакнат економската заштита и да ги прераспределат неплатените обврски за грижа. Со овие инвестиции можеби не гарантираат зголемување на стапките на наталитет, но тие се од корист за поединците и за општеството на многубројни начини и треба да се реализираат без оглед на нивното влијание врз фертилитетот. Конечно, одлуката за раѓање деца е во рацете на поединците и владите треба да се фокусираат на поддржување на нивните избори, наместо нивно диктирање.
Како зајакнувањето на жените влијае врз демографската отпорност?
Бауер: Инвестирањето во родовата еднаквост е од клучно значење за справување со демографските промени. Жените сѐ уште плаќаат висока цена за раѓањето деца. Тие честопати се примарни, па дури и единствени лица што се грижат за нив. Како резултат на тоа, многу мајки го напуштаат образованието или работното место. Кога ќе успеат да останат дел од работната сила, тие имаат тенденција да заработуваат помалку, се занемарeни при унапредување, завршуваат на послабо платени работни места и се соочуваат со стигма и дискриминација на работното место. Отстранувањето на овие „казни поврзани со мајчинството“ и еднаквата распределба на улогите за грижа меѓу жените и мажите, може многу да придонесе за создавање општества каде што имањето деца не се казнува, туку се вреднува како придонес за одржливата иднина на општеството. Тоа ќе им овозможи на повеќе жени да го имаат бројот на деца што го сакаат и да се приклучат на работната сила, што го зголемува БДП и помага да се ублажат последиците од стареењето и намалувањето на бројот на населението.
Дали финансиските стимулации се ефикасни за зголемување на стапките на наталитет?
Бауер: Доказите што ги имаме укажуваат на тоа дека финансиските стимулации, какви што се даночните или паричните бенефиции, сами по себе се во голема мера неефикасни. Тие можат да предизвикаат краткорочни флуктуации во стапките на фертилитет, но обично не доведуваат до одржливо зголемување на вкупниот број деца што го имаат жените. Финансиските стимулации може да имаат и последици што многу чинат бидејќи тие имаат тенденција да ги натераат жените да ги напуштат своите работни места и да доведат до сиромаштија. Ова не значи дека владите не треба да обезбедуваат финансиска поддршка за семејствата. Меѓутоа, тоа треба да биде мотивирано со поддршка на луѓето да имаат деца колку што сакаат и да се направи на начин на кој ќе се избегнат негативните социјални последици.
Дали пристапот до услуги за планирање на семејството уште повеќе ги намалува стапките на наталитет?
Бауер: Тоа е вообичаена заблуда. Не постои директна врска помеѓу употребата на контрацептивни средства и нивото на фертилитет во Европа. Во Грузија, на пример, зголемувањето на стапката на фертилитет одеше рака под рака со зголемувањето на употребата на современи контрацептивни средства. Програмите за планирање семејство во Франција ги охрабруваат жените повеќе да се информираат кога донесуваат избори за своите тела и животи. Тие можат да ја планираат и да ја темпираат својата бременост и да ги реализираат своите намери за основање семејство во согласност со своите образовни, кариерни и други животни аспирации. Ова е добро за жените и за општествата во целина, особено ако се соочуваат со демографски промени.
Што е со стареењето на населението? Дали тоа претставува закана?
Бауер: Иако стареењето на населението поставува одредени предизвици, како што е, на пример, притисокот врз пензиските системи, тоа автоматски не значи пропаст. Со правилно планирање и обезбедување поддршка за здраво стареење, постарите луѓе можат да продолжат да придонесуваат за општеството и за економијата. Ние мораме да работиме на градење општества за сите возрасти, без стигма и дискриминација врз основа на возраста. Исто така, мораме да посветиме посебно внимание на состојбата на постарите жени, кои честопати се борат со осаменост и сиромаштија предизвикани од кумулативните последици на дискриминацијата и на исклученоста во текот на нивниот живот.
Каква улога игра човечкиот капитал во справувањето со демографските промени?
Бауер: Човечкиот капитал е термин што го користиме за да ги опишеме здравјето, знаењето и вештините со кои се карактеризира одредено население. Општествата со силен човечки капитал обично се попродуктивни и иновативни и полесно се приспособуваат на демографските промени. На пример, кога постарите луѓе се здрави и добро образовани, тие можат да продолжат да бидат активни во економијата и во јавниот живот, придонесувајќи со своите вештини и искуства, и помала е веројатноста да се потпираат на трансфери за социјална поддршка. Слично на тоа, ако младите жени се охрабруваат да имаат контрола врз своите тела и фертилитет, постои поголема веројатност тие да го завршат своето образование, да најдат добра работа и да станат финансиски независни. Ова е причината зошто инвестирањето во човечкиот капитал е од клучна важност за справување со демографските промени.
Како можат земјите да ја зајакнат својата отпорност на демографски промени?
Бауер: На крајот, најдобриот начин за справување со демографските промени е да се создадат услови што ќе им овозможат на луѓето да имаат доверба во својата иднина и во иднината на своите семејства. Ако младите имаат пристап до квалитетно образование и здравствена заштита, ако имаат стабилно вработување и добиваат поддршка за нивните семејства, помала е веројатноста да почувствуваат потреба да емигрираат и поголема е веројатноста да одлучат да имаат деца. Бројот на населението е важен. Но, уште поважни од квантитетот се капацитетите, вештините и талентите на поединците, како и нивното здравје и продуктивност. Токму затоа земјите што го негуваат и го искористуваат човечкиот капитал на своето население и привлекуваат таленти од странство, можат да напредуваат и да останат конкурентни дури и кога се соочуваат со ниски стапки на наталитет и стареење на населението.