Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за емисијата „360 степени“ уверува дека со попишувањето граѓаните нема да бидат доведени во опасност, оти процесот ќе се одвива по ригорозни здравствени протоколи. Симовски вели дека самопопишувањето во дијаспората живнува и нагласува дека ќе следуваат казни за оние што при теренската операција во земјава нема да ги примат попишувачите. Погледнете го видеото
360°: Директоре, може ли да ни кажете кои се последните сумирани податоци за самопопишување на дијаспората?
Податокот што го имаме заклучно со вчерашниот ден, односно од 8 и 30 утринава, е дека на оваа апликација се самопопишале 121 850 лица. Што е одлично.
360°: Дали ова значи дека прекина или барем делумно запре бојкотот во Австралија, во Америка, Канада?
Не можеме да одговориме директно на ова прашање бидејќи податоците по земји кога ги гледате се релативни. Треба да знаете колкава е дијаспората во тие земји, односно бројот на нашите државјани за да може да имате согледување што значи тој податок, дали е тоа голем број попишани, дали е мал или е согласно динамиката задоволителен податок, меѓутоа, живнува попишувањето, особено во САД, има некој пораст во Канада и во Австралија, не знам колку е тој соодветен, бидејќи една работа е дијаспора којашто потекнува од нашава држава, а друго се граѓани со македонско државјанство. Значи, Австралија, Канада, особено Австралија, имаме огромен број наши иселеници, кои, за жал, го немаат повеќе нашето државјанство.
360°: Викендот заврши уште еден оглас за реонски попишувачи. Дали имаше доволно интерес?
Да, имаше доволно интерес. Мислам дека и сосема доволно по пописните реони каде што ни недостасуваа попишувачи, меѓутоа, со овој оглас е дадена можност и на оние лица коишто претходно се имаа пријавено на претходниот оглас, а не отидоа на тестирање од најразлични причини да можат да дојдат на тестирање кое веројатно веќе е во тек.
360°: И тоа е финално со огласите?
Да.
360°: Зошто нема поагресивна кампања, повидлива, за граѓаните да учествуваат во пописот?
Кампањата е тргната. Е сега во овој момент е повеќе насочена кон нашите граѓани што се во странство, бидејќи таму тече овој процес на самопопишување. Попишувањето во земјата сѐ уште не е започнато. И разликата којашто ја имаме до пред недела дена и во овој период укажува на тоа дека оваа кампања вродува со плод. Само во текот на вчерашниот ден се самопопишани повеќе од 20 илјади лица, што многу веројатно е и резултат на кампањата што интензивно се спроведува, особено на социјалните мрежи. Меѓутоа, морам да му се заблагодарам многу и на Министерството за надворешни работи, коешто исто така е вклучено во целата оваа кампања и коешто преку нашите дипломатско-конзуларни претставништва врши масовно информирање на нашите сограѓани кои се наоѓаат во странство, користејќи ги сите можности, здруженија, клубови, црковни, останатите религиски здруженија, што било, секоја можност за којашто се има информација, а ги имаат тие информации, се обидуваат да допре информацијата до нашите сограѓани.
360°: Но, и антикампањата е сѐ посилна, особено на социјалните мрежи. Како го коментирате ова?
Тоа е нешто што навистина не можам да го разберам. Тоа се луѓе коишто очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани. Не знам, јас со години укажувам, а и во принцип секаде во светот пописот е статистичка операција и таа е во интерес на сите граѓани. Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или нешто слично. Денес, која било активност, не можете да ја правите без информации. Во спротивно постои огромен ризик да промашите со таквата активност.

360°: Што ќе го сметате за бојкот преку кој не може да се помине?
Значи секое одбивање да се пушти попишувачот да го спроведе пописот е бојкот. Независно од која причина е тоа. Значи, прво, немате контакт нели, не ве пуштаат да влезете, а и не сме инспектори да прашуваме зошто не сакаат, едноставно тоа е обврска и треба. Ние ги имаме предвидено сите протоколи. Комисијата за заразни болести, потоа Кризниот штаб и Владата препорачаа многу строги протоколи коишто сме обврзани да ги почитуваме и со кои се гарантира безбедноста од здравствен аспект на сите граѓани.
360°: Ве разбирам, но, ако се случи масовен бојкот?
Па, јас се надевам дека ќе има доволно разум во оваа држава кај нашите граѓани, после 20 години без попис, да сфатат дека ни е неопходна оваа акција и дека немањето пописни податоци од 2011 година нѐ чини страшно многу и како држава и како граѓани, пред сѐ како граѓани. Сум давал многу примери за што сѐ може да се употребат, да се искористат правилно податоците од пописот, и ќе повторам, веројатно огромен износ на инвестиции во земјата не се влезени само поради тоа што немаме податоци од попис. Компарираме со нашите соседи и гледаме дека таму многу повеќе се инвестира отколку тука. Една од причините, а можеби и најголемата е тоа што немаме податоци од пописот. Никој не сака без информација да влетува во авантура, особено ако таа авантура значи трошење голема сума пари.

360°: Ајде да го преформулирам прашањето, еве на пример, ако 20,30 отсто од граѓаните одбијат да се попишат?
Значи ние ќе ги направиме сите напори да го завршиме пописот. Не сакам ни да прејудицирам ниту да сугерирам. Може да сугерирам сите да земат учество бидејќи е во заеднички интерес. Не е проблемот дали некој ќе биде казнет или не, многу е лесно да казните поединец ако не сака да даде податоци, и тоа ќе го направиме, да се разбереме, нема да простиме. Меѓутоа, целта не е да собереме казни туку да собереме податоци. Ние влегуваме во оваа операција којашто се подготвува поприлично долго време, којашто чини страшно многу пари, којашто ангажира страшно многу луѓе, и да биде залудна, навистина ќе биде страшно.
360°: Како ќе ги убедите граѓаните дека пописот е безбеден во период кога расте бројот на заразени?
Прво, значи, и ние сме луѓе. И ние се плашиме за нашето здравје и за нашата безбедност, а сме дел од тимот што учествува. Понатаму, ја имаме обврската да се плашиме и да чувствуваме одговорност и за лицата што ги ангажираме како учесници во пописот и на крај, се разбира, апсолутно мораме да водиме грижа и да бидеме одговорни и за нашите граѓани. Неслучајно се донесени овие протоколи, тие се подготвени прво на наше барање. Комисијата за заразни болести многу внимателно ги разгледуваше сите можни ситуации и донесе навистина ригорозни препораки. Тие препораки се преточени во одлука на Владата и наша обврска е да ги почитуваме. Но, и граѓаните треба да ги почитуваат тие протоколи, бидејќи не вреди ништо ако попишувачот дојде маскиран целиот, не знам, со комбинезони на себе, со каљачи, со маска, ракавици, ако граѓанинот се шета без маска. Или, не можеме да гарантираме за неодговорно однесување на поединци после заминување на попишувачот ако отидат во кафеана и си седнат со друштво итн. Значи, ние гарантираме за процесот на попишување. Од тој дел апсолутно ќе ги почитуваме до максимум сите протоколи и нема да доведеме никого во опасност.