Министерката за одбрана, која во изминатите неколку дена се сретна со врвот на американската одбрана во Пентагон и со дел од главните оперативци на Стејт департментот задолжени за Западен Балкан, за „360 степени“ ги објаснува пораките што ги слушнала на средбите во Вашингтон – како за улогата на Северна Македонија во НАТО, така и за бугарската блокада за старт на преговори со ЕУ. Шекеринска вели дека одлуката за преговорите ќе се носи во ЕУ, но дека притоа не е сеедно каква ќе биде позицијата на американската администрација
По доаѓањето на Бајден во Белата куќа, многумина воздивнаа, сметајќи дека трансатлантското партнерство на САД и Европа, вклучувајќи го и Западен Балкан, ќе се врати на нивото на кое беше пред мандатот на Трамп. Какви пораки слушате на средбите во Пентагон и Стејт департментот – на каков ангажман и интерес на САД може да се надева Северна Македонија?

Мислам дека можеме да се надеваме на поддршка и на интерес кон регионот, но она што мораме да го калкулираме е дека ќе постои многу голема конкуренција со други теми кои се и покритични и кои за Америка, на моменти, стануваат поалармантни и побитни.
Со каков впечаток заминувате од средбата со новиот заменик-помошник државен секретар и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој го замени Метју Палмер?
Имавме многу добра, многу важна и квалитетна средба со новиот претставник за Западен Балкан, г. Ескобар. Она што е многу важно е што тој на самиот почеток ми даде до знаење, ја испрати пораката дека и неговата кариера почнала на Балканот и дека буквално неговата амбиција е многу голема. Тој очекува САД да имаат постојан ангажман, да водат политика кон Балканот, а таа политика се поклопува со нашите стратешки интереси – безбеден Балкан, Балкан кој соработува и ги решава своите проблеми, но истовремено тоа е Балкан кој е интегриран во ЕУ. Она што беше важно е дека и во услови на ковид-рестрикции, кои се особено големи во Стејт департментот, пораката на администрацијата е дека Северна Македонија е сојузник на кој може да сметаат и сојузник со кој имаат заеднички интереси. Така што, јас и таа средба ја сметам како порака во таа насока – дека нашето партнерство, нашето сојузништво, особено по полноправното членство во НАТО, веќе има и дополнителна зрелост.

Своевремено со секретарот за одбрана Џејмс Матис изградивте одлични релации кои подразбираа дека земјава има близок пријател на исклучително висока позиција во Вашингтон. Како помина средбата со новиот секретар за одбрана Лојд Остин?
На поранешниот секретар Матис нашата држава многу му должи во едни моменти кои беа критични и во рамките на НАТО, и во рамките на американската администрација, буквално ни ја обезбеди влезницата, ни ја обезбеди американската поддршка за нашето членство. Меѓутоа, мислам дека и покрај фактот што можевме да се сретнеме на највисоко ниво со првиот човек на Пентагон покажува дека тоа не било однос на еден човек во поранешната администрација, туку дека тоа е доверба која како држава успеавме да ја создадеме во САД. Сојузништвото не се прави на состаноци, ама кога во вакви околности ќе добиете состанок тоа е резултат на сојузништво кое сте го создале и развиле со многу работа и создадена доверба. Пораката главна која ја слушав на сите средби, особено на средбата со Секретарот во Пентагон, е дека сметаат дека трансформацијата која ја направивме како држава – и во поглед на домашните реформи и во поглед на односите кон соседите е еден од ретките светски примери и дека сакаат да се чувствуваат како дел од тој успех. Мислам дека и самата средба во моменти кога во Вашингтон се одвиваа навистина многу важни и тешки прашања врзани со безбедноста покажа дека со работа, со доверба и со одржан збор сме создале навистина силно блиско сојузништво кое и САД го цени.

Од соопштенијата од вашите средби во Вашингтон може да се прочита дека една од темите е блокадата од Бугарија во ЕУ. Дали САД имаат начини како да влијаат на ова прашање за да се деблокира евроинтеграцијата на Северна Македонија?
За ова прашање сите треба да сме и сме внимателни. Одлуката за почеток на преговори со ЕУ ја носи ЕУ. Но, ако постоела една тема за која САД и ЕУ имале навистина идентична позиција, тогаш тоа било дека Балканот е важен и стратешки и безбедносно и дека иднината на Балканот треба да биде во ЕУ. Се разбира, како и со Преспанскиот договор, како и со сите претходни премрежиња низ кои минавме прво треба сами да се посветиме на прашањето – се разбира дека одлуката ќе се носи во европските главни градови, голем дел од одлуката ќе се носи и во Софија, но не е сеедно каква ќе биде позицијата на еден геополитички фактор како што е САД. Мислам дека пораката која е конзистентна беше онаа која ја спомнав – стратешки интерес на САД е безбедна, стабилна и просперитетна Европа. Стратешки начин да се стигне до таа цел е Балкан кој е мирен, Балкан кој ги решава проблемите и Балкан кој е дел од ЕУ. Така што, мислам дека е важно дека и од Вашингтон ќе стигаат такви пораки.
Колку заладувањето на односите меѓу Франција и САД поради новиот пакт на Америка, Велика Британија и Австралија за Индопацификот треба да го загрижува Балканот и Северна Македонија?
Како членка на НАТО дефинитивно имаме интерес од тоа Алијансата да е поефикасна и да е поуспешна, а предуслов за тоа е кохезијата. Мислам дека тоа беше клучната порака и клучната цел на последниот самит на НАТО. Сметам дека и овие две глобални сили, но и Алијансата ќе смогнат начин да ги надминат овие разлики, но прашањето околу пактот, помалку за пактот, малку повеќе за набавката на голем број подморници покажува и колку вниманието на САД се движи од Средниот Исток кон Пацификот и сметам дека анализите мора да ги вршиме земајќи ги предвид сите овие работи. Значи, не е само Авганистан, не е само овој договор, туку едноставно тоа е резултат на новата политика која новиот американски претседател многу отворено ја дискутираше и во текот на предизборната кампања. Оттука, во Вашингтон малкумина се изненадени од таа промена. Факт е дека најверојатно комуникацијата меѓу сојузниците не била на најдобар можен начин и сега двете земји се соочуваат со можеби најтешкиот момент во билатералните односи во последно време. Но, историчарите би рекле дека тоа не е првпат, најверојатно нема да биде ни последен, но силата на Алијансата отсекогаш била што во вакви моменти сепак разумот и заедничките интереси надвладувале.