Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за емисијата „360 степени“, говори за функционирањето на Советот на Општината, кој сè уште нема претседател, за бетонизацијата на Центар преку случаите „Холидеј Ин“, „Беко“ и „Треска“, како и за актуелната состојба со парцелите на Водно, за кои објавивме дека откако Саша Богдановиќ ја потпиша првата дозвола за градба, сега кај актуелниот градоначалник на дневен ред ќе стигне ново барање кое е влезено во општинска процедура. Погледнете го разговорот во видеото.
360°: Господине Герасимовски, речиси два месеца сте на чело на Oпштина Центар, што и не е така мал период, за да се воспостават основните тела за функционирање на Општината, на пример Советот. Зошто уште немате избрано претседател?
ГЕРАСИМОВСКИ: Да, Општина Центар е мислам и единствена општина, којашто сè уште нема избрано претседател на Совет и сè уште функционираме со претседавач и одлично функционираме. Имавме три седници на кои највозрасната советничка ги водеше седниците. Центар е малку поинаква општина од сите останати, секогаш сме први во сите работи, најтранспарентна е и најдемократска. Не ни е целта по која било цена и на кој било начин да го придобиеме местото претседател на Совет и да тоа биде на СДСМ и коалицијата. Има и други можности, има и други начини. Целта ни е да докажеме и да покажеме дека сме поинакви од другите. И покрај тоа што мнозинството е од СДСМ, зошто да не биде претседател на Совет од другите политички партии, односно од другите коалиции. Во вторник имаме седница на Совет каде е ставена и таа точка, избор на претседател на Совет, а потоа имаме и точка буџет. Ве поканувам да присуствувате.
360°: Дали е веќе договорено, има мнозинство?
ГЕРАСИМОВСКИ: Ќе видите на самата седница.
360°: Ве прашувам, бидејќи има неофицијални информации дека СДСМ веќе има обезбедено мнозинство со помош на Левица, особено по минатата седница кога овие две партии гласаа против амандманите на Шанса за Центар за да се прави стратегиска оценка за влијанието врз животната средина на деталните урбанистички планови?
ГЕРАСИМОВСКИ: Како што и напоменав, ве поканувам утре за присуствувате на седницата. Како прво, СДСМ нема договорено коалиција со Левица. Дополнително, имаше доста амандмани којшто беа поднесени од страна на Шанса за Центар, дел од нив, коишто се правно издржани, беа доставени до секторите и се вметнати во програмата. За разлика од минатата година кадешто имало 61 точка, сега имаме 91 точка во програмата, значи плус 30 точки. Сите оние програмски предлози и барања од страна на Шанса за Центар беа внесени претходно.
360°: Зошто за ова сте биле против?
ГЕРАСИМОВСКИ: Не бевме ние против, се што беше издржано, беше претходно ставено. Дополнително, за сите предлози и амандмани добиваа стручни одговори од страна на нашите сектори за тоа што е правно издржано и што може да се спроведе и вметне во самата програма. И не СДСМ и Левица, значи на нивните предлози имаше три до четири гласа „за“, а тоа беа советниците на Шанса за Центар. Сите останати гласаа „воздржано“ или „против“. И не само за овој предлог, туку и за останатите. Сите што можеа да се реализираат беа вметнати во програмата за работа на Советот.

360°: Центар одамна е градилиште, но, сѐ поголем е и отпорот кон тоа во општината. Ќе почнам со актуелниот случај со многукатниците кај „Холидеј ин“. Таму се произнесе Градежниот инспекторат, ве повика вас, еве ќе цитирам: Градоначалникот, комисијата за урбанизам и советниците да се произнесат по забележаните неправилности при давањето на дозволата за градба. Градежниот инспекторат смета дека општината треба да ја прекине градбата. Како го коментирате ова?
ГЕРАСИМОВСКИ: Значи таму е дадена дозвола за градба. Таа е правосилна. Таму, за овој предмет, а и за останите коишто јас ги нарекувам „врели костени“, имавме доста состаноци со комисијата за урбанизам, којашто е под градоначалникот, којашто е внатрешно-надворешна, односно со членови коишто се од внатре и членови коишто не се вработени во општината, имавме доста состаноци со правниот сектор да бараме начин што би можело понатаму да се случува со оваа градба. Зашто е правосилна дозволата за градба ние во моментов не можеме, правно не смееме дополнително да реагираме. Знаеме дека има предмет во Јавно обвинителство, јас неколку пати кажав и во предизборието, па и сега кога се говори на истава тема, дека доколку Јавното обвинителство даде насока дека таму има какви било нерегуларности ние ќе бидеме први што ќе излеземе на терен и ќе бараме да се варти во првобитна состојба.
360°: Редица нови згради треба да никнат и кај поранешна „Треска“…
ГЕРАСИМОВСКИ: Има висококатници, има 15 објекти за домување и девет градежни парцели коишто се планираат со идејното, а за разлика од тоа како е сега, сега имаме 48 поединечни парцели кадешто се П+4, П+5. Со новото има и малку повисоки згради зашто така одлучиле архитектите за да тоа биде и поурбанизирано, дел од зградите што се повисоки одат накај Рузвелтова, да има поубав зелен појас, да има подобро сообраќајно решение и сѐ останато. Во наредниот период ќе свикаме дополнителни средби со инвеститорите и со комисиите за урбанизам за во тој дел да најдеме начин и заедничко разбирање.
360°: Не успевате да се справите и со градилиштето спроти „Беко“. Таму гради познат бизнисмен иако нема важечка дозвола. Зошто го дозволувате тоа?
ГЕРАСИМОВСКИ: Значи од страна на општината, од страна на инспекциските служби, ставено е за рушење. Не можеме да рушиме во моментов поради тоа што истото е во Јавното обвинителство. Ако бараме начини како да го стопираме на начинот да се произнесат институциите. Таму има решенија за уривање, но има претходно решение за дооформување и слично. Но тоа што се гради е малце погабаритно од тоа што претходно било, како што ги видов документите. Давано е на второстепена комисија, па е враќано назад, сега во моментов е во Обвинителство, по нивно произнесување ќе постапи и општината.

360°: На дел од Водно, како што објавивме веќе е издадена една дозвола за градба од вашиот претходник, а сега во процедура во вашиот мандат е уште една. Како ќе се справите, како ќе се произнесете по ова? Можеби е легален текот на барањата, меѓутоа каде е јавниот интерес и тоа што му се случува на Водно во моментов?
ГЕРАСИМОВСКИ: Сега има во процедура барање за дозвола, кое ние го разгледуваме. И бараме правни механизми како да го заштитиме тој дел од Центар. И во предизборието разговаравме, јас ги посетив живеат на тој дел од Центар, на Водно. Мене ми е чудно зошто таму немало никогаш мораториум. Знаеме каков е пределот. Зошто никогаш не сме барале суспензија? Зошто се дозволувале дозволи искрено? Не само за оваа, туку и за други дозволи за згради кои што се одобрувале во тој дел од Центар. Бидејќи Водно е белите дробови на градот, лизгаво е земјиштето и јас барам правни механизми како тоа целосно да се сопре. Во делот на дозволи за градба, понатаму во тој дел бараме начини како да истото се стопира и да самата општина нема правни последици и финансиски последици. Истото сум горе- долу сигурен дека ќе го реализираме.
360°: Сакате да кажете дека можно е да се изнајдат правни механизми за да ги стопирате понатамошните градби на тој дел од Водно?
ГЕРАСИМОВСКИ: Во овој дел каде е дадена дозвола и таа е правосилна, ќе разгледаме начини како тоа да продолжи понатаму. Ама може утре сопственикот да си го затвори, приватно земјиште е. Има добиено дозвола и правосилност. За самата таа парцела ќе поразговараме на една поголема средба со жителите и со инвеститорот. А за другите понатаму ќе се борам и ќе дадам се од себе тоа да не продолжи.
360°: Дали ќе се чувствувате одговорен при евентуална хаварија на тој потег на Водно бидејќи се работи за ерозивно подрачје?
ГЕРАСИМОВСКИ: Значи, бараме начини како да ги стопираме сите. И тоа да биде правно издржано и да нема последици врз општината. Јас се согласувам со жителите, затоа дополнително ќе направиме средба на која ќе поразговараме што понатаму и како ќе течат сите работи.
360°: Дали сте подготвени да преземете радикален чекор и да останете запаметен како градоначалник кој директно се спротивставил на нехуманото градење во општината и каков би бил тој чекор?
ГЕРАСИМОВСКИ: Се наоѓаме во ситуација каде оставени ни се тешки предмети кои треба да ги решаваме. Спремен сум се што можеме да спасиме во делот на јавен интерес и јавно добро и да стопираме некоја градба да го реализираме тоа. Но, тоа да не биде голема последица врз општинскиот буџет и врз граѓаните.