И покрај техничката влада во Бугарија, вицепремиерот за европски прашања во интервју за „360 степени“ најавува во следните денови и недели интензивирање на контактите на релација Скопје-Софија и засилен ангажман на португалското претседателство со ЕУ за деблокада на евроинтеграциите на Северна Македонија во јуни. Погледнете го видеото.
360°: Го придружувавте премиерот во Брисел, Мадрид, Атина, претходно и сам бевте во неколку европски престолнини. Од соговорниците јавно се слушнаа позитивни пораки за Северна Македонија, но тоа сѐ уште не значи и позитивен исход на ниво на Совет на ЕУ и закажување на прва меѓувладина конференција?
Огромно мнозинство од земјите членки целосно ја разбраа ситуацијата. Во последниот период целта ни беше да го зголемиме влогот, дека ова не е прашање само за нашата држава, дека ќе има сериозни регионални импликации дали ние ќе успееме или не, мислам дека ЕУ, на некој начин, го губи моментумот на целиот Балкан, преразвлечена е приказната. Во крајна линија, наш неуспех ќе биде неуспех и на ЕУ, а и на нашите соседи – Бугарија. Мислам дека се создава една клима, еден контекст што повеќе помага отколку што одмага. Се разбира, за одлука се потребни сите 27 земји членки, јасно е дека Бугарија треба да биде дел од тој консензус, но не е сеедно какви се позициите на сите останати и не е сеедно дали мислат на успех или неуспех на една земја, која има драстичен случај со многу изгубени години – почнавме по Словенија пред Хрватска а двете се веќе членки на ЕУ, мислам дека успеавме да изградиме контекст во кој на сите земји членки им е јасно колку значи ова во регион во кој сакаат да направат разлика.
360°: Зошто С Македонија на ваков начин реагира на најавите за можно раздвојување од Албанија? Колку е извесно дека ако пред Советот на ЕУ се постави прашањето за двете земји – Холандија, Данска или Франција ќе се согласат со закажување на првата меѓувладина конференција за Албанија?
Реакциите беа појасни, посилни од самите земји членки. Германија се јави прва, Словачка, па Австрија имаше јасна оценка дека ако најдобриот ученик го задржувате поради прашање кое не е според европските акти и принципи, каква порака праќате. И Жосеп Борел имаше изјава, претседателката на ЕК, исто така, кога се видовме. Мислам дека е време и ние и соседите – Албанија, да почнеме преговори. Нема извесност и нема гаранции, за жал. А нам, токму тоа ни треба – предвидливост во процесот на носење одлуки. Имајќи го предвид влогот, значењето, сѐ она низ што поминавме од јуни 2018 г. наваму, сите декларација на Европскиот совет кои и баш не беа до крај имплементирани, мислам дека имаме многу добар случај за одржување две меѓувладини конференции, за нас и за Албанија.
360°: Има ли во моментов директни или индиректни контакти со бугарската страна; треба ли во пресрет на јуни да се очекува посериозен посреднички обид од португалското претседателство?
Има извесни и директни контакти на различни нивоа, има изгледи тие да се засилат во претстојниот период, значи директни македонско-бугарски контакти. Има сигнали за позасилен ангажман на португалското претседателство бидејќи тука дипломатијата зад затворени врати дава поголеми шанси, не знам колку од мене е мудро повеќе да кажам, но чесно е да кажам дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое има добра волја. Географски се далеку, нивната позиција на чесен посредник е јасна, сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март 2020 година.