Министерот за економија, во интервјуто за „360 степени“, вели дека проблемите во изминатите денови се резултат на недоразбирање и погрешно толкување на одлуката со која маржите за основните продукти во големопродажба се замрзнати на 5%, а во малопродажба – на 10%
За решавање на проблемот со „нефер трговските практики“ на подолг рок, Бектеши најавува носење на посебен закон
Одлуката за ограничување на маржите за основните производи ќе се допрецизира поради различните толкувања на терминот „маржа“ и нејаснотиите за тоа што се влегува во пресметката за трошоци на трговците. Ова го најави министерот за економија, Крешник Бектеши, во интервју за „360 степени“.
„Се работи за профитна маржа, не се работи за трговска маржа каде што се вградени сите трошоци, како што се транспортот и други трошоци кои би можело да се зголемат согласно зголемување на цената и на енергенсите. Некои од трговците на големо поинаку ја толкувале одлуката“,
вели Бектеши.

Министерот најавува дека утре ќе бидат направени измени во владината одлука за да нема простор за различно толкување од страна на трговците и инспекторите што ја контролираат нејзината примена.
„Ќе направиме мали измени во делот на одлуката, со цел да биде појасна за сите трговци, посебно за трговците на големо при увоз на одредени производи, бидејќи во делот на производителите и тие производи кои се произведуваат кај нас ништо не е спорно. Толкувањето, главно, според она што сме добиле како информација од трговците на големо, е делот на признавање на одредени трошоци како транспорт, дополнителни оперативни трошоци и слично, затоа ние таксативно ќе наведеме во одлуката што значи маржа, затоа што и ние во моментот кога ја донесовме одлуката кажавме дека тоа е профитна маржа, а не е само маржа во која ќе бидат вградени сите трошоци. Освен, во членот 2, каде е наведено дека трговците на мало не ќе можат вештачки да ги зголемат цените на трговците на големо и увозниците и производителите со барање на дополнителни договори како што се рабатот, барање за ставање во полици, дополнителни трошоци за внесување на бар-кодови, маркетинг итн. Тие нема да бидат признаени“,
вели Бектеши.
Бектеши во интервјуто најавува и нови олеснителни мерки за производите кои се опфатени во одлуката, како и нов закон за спречување нефер трговски практики.