Законите што се однесуваат на прашањето за азил, како што велат упатените, се добри и во согласност со меѓународните стандарди, меѓутоа, прашање е колку институциите и човечкиот фактор ја препознаваат потребата и решаваат да го признаат правото на азил
Жена во своите 40. години се обидува да започне нов живот во Северна Македонија. Сака тука да создаде свој дом бидејќи, како што вели, во нејзината родна земја тоа е невозможно.
„Имам проблем со крвна одмазда во мојата земја. Побарав азил затоа што не сакам да умрам“,
вели таа.
Доаѓа од земја од нашиот поширок регион. Не сака да го открива местото на потекло ниту, пак, својот идентитет за да не влијае на постапката за азил, но и затоа што се плаши дека можеби некој ќе ја види и ќе ја препознае.

Овде е повеќе од три години. Кратко време го искусила и животот во пограничниот камп за прифаќање бегалци и мигранти на јужната граница, кај Гевгелија, а целиот период се соочува и со долгите процедури во македонскиот систем. Нејзините досегашни обиди да добие азил завршиле неуспешно, а во меѓувреме таа овде нашла партнер и има планови кои ја врзуваат за земјава.
„Немам искуство каква е процедурата во европските земји кога бараш азил, но овде сум многу време и сè уште ништо. Пробував секој пат, но ништо. На пример, требаше да се мажам, помина многу време, јас сè уште ја чекам процедурата за брак“,
раскажува барателката на азил.
Го учи македонскиот јазик, го разбира, но сè уште ѝ е тешко да го зборува. Тука веќе има свои блиски луѓе кои ѝ помагаат, но вели дека сака да се осамостои, да има дозвола и легално да работи.
Стравот дека можеби некој од нејзиното родно место ќе дознае каде е, постојано е присутен. Но овде се чувствува безбедно и се надева дека во новата година, конечно, ќе успее барем да го затвори прашањето за нејзиниот статус.
„Ја чекам процедурата, се надевам дека сè ќе биде во ред бидејќи не сакам да умрам. Се плашам, ми треба сигурна земја, Македонија е навистина безбедна земја. Тие не знаат дека јас сум овде, а овде добро се живее“,
вели нашата соговорничка.
Таа е една од 3 798. луѓе кои од почетокот на 2015 до крајот на јуни годинава поднеле барање за азил во земјава. За мнозинството од нив, постапката е запрена. Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), постапката е запрена во 3 659 случаи, а тоа најчесто се случува кога ќе се утврди дека лицето ја напуштило земјава и продолжило понатаму кон други земји. Од оние што останале и чекале одговор, пак, само тројца добиле статус на признаен бегалец, а 17 добиле супсидијарна заштита. Останатите 91 барање се одбиени.
Каде се лоцираат главните проблеми
Признаен статус на бегалец, според македонските закони, се дефинира некој за кој има утврдено оправдан страв, односно лице прогонето поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или поради политичко уверување.

Државата може да го одбие барањето за азил или да го укине статусот, меѓу другото, и ако нема оправдан страв од прогон или ако лицето може да се заштити во друг дел од својата земја, како и во случај барателот да е сторител на кривично дело или, на пример, доколку се процени дека лицето е опасност по безбедноста на Република Северна Македонија.
Прва станица за поднесување барање за азил е Секторот за азил во МВР, а доколку барателот е одбиен таму, има право на тужба до Управниот, а потоа и до Вишиот управен суд.

Генерално, упатените во проблематиката со барателите на азил не лоцираат сериозни проблеми во законите, но она што го забележуваат е нивното спроведување во пракса, односно колку системот ги препознава и ги уважува причините на барателите на азил.
Од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) нагласуваат дека со донесувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита во 2018 година се подобрил правниот систем. Сепак, велат дека во пракса податоците покажуваат дека стапката на одобрен азил останува екстремно ниска.

Јасмин Реџепи, од невладината организација „Легис“, смета дека проблемот е во човечкиот фактор, затоа што барањата многу често се одбиваат без образложение.
„Проблемот е во системот, но и во поединците што работат во институциите. Ќе наведам два битни примера. Прво, според законите, секој барател на азил може да работи после деветмесечен престој во државава. Но, за да се оствари тоа право, треба да им се додели единствен матичен број, што не се случува поради кочење на процедурите. Следно, при одбивањето на барањата за азил, секогаш од страна на МВР се наведува едно исто објаснување ’опасност по безбедноста на државата‘, без наведување каков било доказ во постапката. Тоа е злоупотреба на дискрециското право на службите на МВР. А Управниот суд само ги следи тие објаснувања и на жалбите пресудува според тие насоки. Значи, тука проблем е човечки фактор со нечовечка агенда“,
вели Реџепи.
Според него, за да нема манипулации туку транспарентно да се утврдуваат причините за прифаќање или одбивање на барањето за азил, едно од можните решенија е во постапките да се вклучат претставници на меѓународните и на локалните невладини организации.
И од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) сметаат дека правната рамка за заштита на барателите на азил е добра, но лоцираат проблеми во тоа што не се дава доволно образложение на одбиените барања.
„Во најголем број од случаите што ги застапуваме пред судовите сметаме дека првостепениот орган, кој во случајот е Секторот за азил при МВР, не дал доволно образложение за одбивањето на барањето за азил и не користел доволно информации за земјата на потекло за да го аргументира решението. Инаку, правната рамка што им обезбедува заштита на барателите на азил во Македонија е во согласност со сите меѓународни стандарди за заштита. Државата ги има сите институции кои се потребни за функционирање на системот за азил и тука би ја истакнале добрата соработка со канцеларијата на народниот правобранител од каде што редовно постапуваат по претставките од страна на барателите на азил“,
вели Зоран Дранговски од МЗМП.
Тој вели дека нивното искуство покажува и оти постапките пред повисоките инстанци, над Секторот за барање азил, се долги. Имаат разбирање, но сметаат дека треба да се промени праксата.
„Постапките за азил пред Управниот и Вишиот управен суд се многу долги. Од страна на судиите често се укажува на многу практични проблеми за долгите рокови, како на пример, доцнење на доставата и сл., за кои секако дека имаме разбирање, меѓутоа мора нешто да се подобри во овој дел затоа што имаме случаи кога баратели на азил кои се одбиени од страна на Секторот за азил чекаат и до две години за конечна одлука по нивното барање. Ова се големи трошоци за државата, но и неизвесност за самите баратели на азил“,
вели Дранговски.
До моментот на објавување на овој текст не добивме одговор на прашањата упатени по електронска пошта во врска со тоа колку постапки се воделе пред Управниот суд и каков е нивниот исход.
Нашите соговорници Дранговски и Реџепи, за прашањето за азилот и миграциите, нагласуваат и дека треба да покажеме висок институционален капацитет, дополнително и затоа што ова е едно од прашањата кои се опфатени и во преговарачкиот процес со Европската Унија.
Колку Северна Македонија е посакувана земја за азил

Голем број од поднесените барања за азил од 2015 до средината на 2020 година се од лица што доаѓаат од земјите каде што имаше војни или од каде што се прогонувани. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, најголем број од поднесените барања се од лица што доаѓаат од државите од Блискиот и Средниот Исток, односно Авганистан, Сирија, Ирак, Иран, Пакистан, Палестина… Но, барања пристигале од секаде, па така во извештаите може да се види дека азил барале и по неколку лица од регионот, како од Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, но и неколку од Куба, Германија, Шри Ланка, Сиера Леоне, Индија, Русија …
Освен за бројот на поднесени барања за азил, МВР води статистика и за бројот на спречени обиди за илегален влез во земјава. Од над 70 000 обиди во периодот од 2017 до септември годинава, над 62 000 биле на јужната граница, а најмногубројни се лицата од Блискиот и Средниот Исток. Од речиси 65 000 лица што се обиделе да влезат во земјава, најголемиот дел се од Пакистан (над 20 000) и Авганистан (над 18 000).

Ваквите статистики, како и бројот на запрени постапки за поднесените барања за азил, најчесто поради тоа што лицето ја напуштило земјава, упатуваат на тоа дека Северна Македонија е малку посакувана како крајна дестинација, а многу повеќе користена како транзит.
„Кога луѓе бегаат од војна или друг вид прогон, многу е веројатно дека првиот избор каде што ќе почнат одново да го градат животот е некоја голема и просперитетна земја. Затоа најголем број од нив имаат цел да стигнат во некоја од земјите од Западна Европа, а голем дел сигурно воопшто не слушнале за Македонија претходно. Покрај економските фактори, пристапот до постапката за азил и можноста да се добие заштита во една земја е секако фактор на привлекување. Затоа барателите на азил се обесхрабруваат кога ќе слушнат дека во Македонија од 1991 до денес помалку од 40 луѓе добиле статус на признаен бегалец. Меѓутоа, постапката е секако индивидуална и за секој барател на азил конечната одлука ја носи државата“,
вели Дранговски од МЗМП.
Овие лица, покрај правните битки што ги водат во земјите каде што ќе се одлучат да побараат азил, неретко се жртви и на шверцерите. За патот до овде, но и понатаму, можат да потрошат илјадници евра. Од невладината „Легис“ го посочуваат нивниот последен извештај за периодот од 1 јуни до 30 ноември годинава, каде што констатираат дека овие лица само за транзит низ Северна Македонија плаќаат и по 1 000 евра.
„Според спроведените интервјуа, миграцијата се одвива од јужната кон северната граница на РСМ преку организирани криминални меѓународни и локални групи. Цената од Идомени, Грција, до Липковскиот Регион и северната граница со Србија е 1 000 евра по лице. Согласно нашите податоци, речиси 90 проценти од ирегуларната миграција се одвива на овој начин од 2019 година, додека во претходните три години имаше поголемо движење со користење јавен превоз или пеш, по небезбедни рути“,
велат од „Легис“.
Властите, пак, велат дека интензивно работат на спречување на шверцувањето и трговијата со луѓе.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по сто дена од неговиот втор мандат како министер, на прес-конференција одржана на 17 декември годинава, соопшти дека се бележи опаѓачки тренд на дејствувањето на криминалните групи и за само 100 дена кривично се пријавени 47 сторители и 18 кривични дела.
Кога станува збор за периодот претходно, статистиките од ресорното министерство од 2017 до септември 2020 година говорат дека се регистрирани 162 кривични дела поврзани со шверцувањето мигранти и 264 сторители.