17 февруари 2021 година во земјава ќе се памети како датум кога со помош на медицинската наука официјално започна борбата против ковид-19, додека во исто време Израел, кој е пред сите во овој процес, објави дека 46 отсто од вкупното население ја примило првата доза или две третини од оние што се подобни за вакцинација
Од денеска во земјава официјално почнува вакцинацијата против ковид-19 и во текот на денот е предвидено првата доза од вакцината да ја примат 260 здравствени работници од Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Процесот на вакцинација ќе се одвива на пунктовите сместени во модуларната болница до Инфективната клиника. Првите здравствени работници ја примаат првата доза од вакцината на производителот „Фајзер“. Земјава овие дози ги доби од Србија, првите 4 680 од вкупно 8 000 колку што се договорени.
Според планот за вакцинација, здравствените работници што работат со ковид-пациенти се во првата приоритетна група за вакцинација, а во втората фаза ќе се вакцинираат лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 со придружни болести или здравствени состојби со висок ризик. Во оваа фаза се опфатени и здравствените работници од Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, фармацевтите, стоматолозите, другиот здравствен персонал, вработени во други витални институции, новинарите, вработени во образовни институции и градинки…
Во третата фаза за вакцинација се преостанатите групи граѓани од дејности како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарски сектор, земјоделство, лица коишто не можат да одржуваат физичка растојание и на крајот, практично, сите граѓани што сакаат да примат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
До крајот на февруари, како што најавија домашните власти, се очекуваат да пристигнат и првите дози од кинеската вакцина, од која се нарачани 200 илјади дози, а потоа во март и оние од преку механизмот Ковакс .
Половина од населението во Израел ја прими првата доза од вакцината
17 февруари 2021 година во С Македонија ќе се памети како датум кога со помош на медицинската наука официјално започна борбата против ковид-19. Истиот датум, пак, во Израел го прославуваат симболично, со фотографија од 4-милионитиот жител на земјата кој ја примил првата доза од вакцината против ковид-19. Израел е земја која предничи во светот во однос на вакцинацијата и досега првата доза на „Фајзер“ ја примиле 46 отсто од вкупно население или две-третини од населението кое е подобно за вакцинација.
Двете дози ги примиле околу 30 отсто од вкупното население или 2,6 милиони. Додека пак околу 1,9 милион Израелци кои ги исполнуваат условите за имунизација сè уште чекаат на прва доза. Околу 3 милиони од вкупното население немаат право да се вакцинираат, вклучувајќи ги и оние што се помлади од 16 години, но тука се вбројуваат и лицата што го прележале ковид-19.
Вакцинацијата против ковид-19 во Израел започна на 19 декември, а прв што прими вакцина беше премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Според веб-страницата „Our world in data“, чии податоци се базираат на официјални извори од земјите низ светот, заклучно со 14 февруари, во Израел се администрирани 74,5 вакцини на 100 лица. Според оваа статистика, втори на списокот се Обединетите Арапски Емирати со 51,1 вакцина на 100 лица. Трета земја е Обединетото Кралство со 23,3 и веднаш по нив се САД со 15,9. Чиле е на четвртото место со 9,9 на 100 лица, додека пак Европската Унија доаѓа на петтото место со 4,8 на 100 лица.
90-годишната Маргарет е првиот човек кој прими вакцина против ковид-19
Вакцинација против ковид-19 во некои од земјите ширум светот започна уште во декември минатата година. Велика Британија беше првата земја во светот што вакцинираше против ковид-19, на 8 декември 2020 година. Маргарет Кинан од Енискилен, Северна Ирска, жена на 90-годишна возраст, стана првата личност што ја прими вакцината против ковид-19 откако британските власти ја одобрија вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ и ја почнаа програмата за масовна имунизација.
Неколку дена подоцна, на 14 декември 2020 година, Сандра Линдзи стана првата Американка што ја прими вакцината против ковид-19 по одобрувањето на нејзината употреба од Американската агенција за храна и лекови (ФДА). Линдзи е медицинска сестра вработена во Еврејскиот медицински центар на Лонг Ајленд и работи со ковид-пациенти. Таа, исто така, се вакцинираше со вакцината на „Фајзер“.
Германија и Унгарија, ден порано
Германија и Унгарија ја започнаа вакцинацијата против ковид-19 на 26 декември, само неколку часа откако пристигнаа нивните први пратки. Другите земји на Европската Унија вакцинацијата ја започнаа еден ден подоцна.
Во Германија првата вакцина (Фајзер) против ковид-19 беше аплицирана на 101-годишната Едит Квоикала, штитеник на дом за стари лица во Халберштат, во североисточниот дел на регионот Саксонија-Анхалт.
Во Унгарија, пак, први што примија вакцина беа здравствените работници на Централната болница во Пешта, во Будимпешта.
Првите пратки од вакцината пристигнаа во болниците низ ЕУ во контејнери фрижидери на 25 декември 2020 година, испратени од центарот за производство во Белгија, а според најавите требаше на 27 декември да започне координирана вакцинација во сите земји од ЕУ истовремено.
Од земјите во регионот кои не се дел од ЕУ, прва со вакцинација стартуваше Србија на 24 декември 2020 година. Првата вакцина против ковид-19 кај нашиот северен сосед ја прими премиерката Ана Брнабиќ во Институтот „Торлак“ во Белград. Со овој чин и официјално во Србија започна вакцинацијата против коронавирусот. Вакцината потоа ја примија министерката за труд, вработување, социјални работи и ветерани, Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон. Од 19 јануари, пак, во Србија започна масовната имунизација.
Во Албанија, пак, на 11 јануари, како што соопшти премиерот Еди Рама, почна вакцинацијата против коронавирусот. Владата во Тирана обезбеди 500 000 дози од вакцината која ја произведоа компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.
Што знаеме за вакцината на „Фајзер“?