Сашо Мијалков не е достапен за органите на прогонот повеќе од 24 часа. Тој е еден од обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“, предмет за кој се очекува пресуда оваа недела. „360 степени“ вечерва разговараше на темата со Вилма Русковска, шефицата на ОЈО за гонење на организиран криминал кое го застапува обвинението.
360°: Јавноста знае дека во петокот се одржа рочиште за Таргет-Тврдина на кое завршените зборови ги дадоа и обвинетите. Дали и што разменивте како информација со Министерството за внатрешни работи тој ден, во петокот?
„Во петокот немаше размена на информации, освен дека беше информирано МВР за завршување на процесот. Односно, дека и обвинителството и одбраната завршиле со завршните зборови“
одговора Вилма Русковска, шефица на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
360°: Она што секако се наметнува како прашање е зошто уште во петокот не беше побаран притвор или друга мерка за обезбедување на Сашо Мијалков?
„За тоа постојат две причини. Првата е што немавме законска можност затоа што обвинетиот Сашо Мијалков ги почитуваше превентивните мерки кои му беа определени од судот а исто така редовно се јавуваше на сите рочишта. И втора, многу поважна причина е тоа што доколку во тој момент обвинителството побараше притвор можеше да е протолкува и ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата. Додека не судот не ја објави пресудата, ова повеќе да им објаснам на вашите гледачи, додека судот не ја објави пресудата секој е невин. Што значи пресудата можеше да биде и ослободителна, така? И врз база на што обвинителството да бара притвор? Во вакви случаи Обвинителството може да бара притвор при изрекување на казна затвор од страна на судот.“
360°: Ќе се согласам со вас, ама имавме една слична ситуација би рекол, не идентична, со Никола Груевски.
„Не. Не беше иста ситуацијата, ќе ве поправам. Тогаш, при објавување на пресудата за Никола Груевски тој уште беше во државата, обвинителството не побара притвор за него. И затоа апсолутно не мислам дека ситуацијата е иста.“
360°: Таму не се побара притвор. Но, пак, откако не можеше да го најдат за да му го достават решението за упатување на издржување на казна затвор, имавме неколку проблематични денови и повторно имавме повикување на законските и процедуралните можности. Сакам да кажам, повторно имаме ситуација во која што еве, постапува обвинителството по Устав и по закон, но имаме повторно човек од висок профил којшто, барем сега за сега, и бега на правдата.
„Повторно ќе ви кажам. Многу е различна ситуацијата“
360°: Ефектот е ист
„Не… Исходот е ист, апсолутно. Тука се сложуваме. Но, периодот од изрекување на казната до добивање упатен акт за издржување на казна, е многу поразлично отколку да се бара притвор пред изрекување на пресуда. А за исходот, уште еднаш ќе повторам, ист е. Тука се согласуваме“
360°: Како течеше вашата комуникација со МВР во саботата?
„Јас во саботата некаде после 12,30 на пладне, откако добив информација дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, остварив контакт со Министерот за внатрешни работи при што тој ми кажа дека ќе ги провери сознанијата кои јас сум ги добила. Некаде после 15 часот, сега не знам точно, ми се јави министерот и ме замоли она што по телефон сум му го кажала да го напишам на писмено и да му го доставам. Јас истото го сторив и известување доставив, сега не знам дали беше 16,30 или 17,00 часот, мислам дека нема да биде толку битно, не обрнував внимание на тоа и некаде после 10 и пол часот, односно 22 и 30, ми донесоа известување од полиција, односно истото известување кое јас им го пратив само со додадени генералии на обвинетиот Мијалков. Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков. Се слушнав и со Републичкиот обвинител и истиот ме праша, бидејќи известувањето беше доставено до мене, до Љубомир Јовески, до Ленче Ристовска и до Трајче Пеливанов. Републичкиот обвинител ме праша колку ми е сигурна информацијата, јас реков дека тоа ми е оперативна информација од мој личен извор. И се договоривме да видиме следниот ден. Потоа јас во комуникација со Јавниот обвинител на Северна Македонија се обидов да го најдам, да стапам во контакт со мојот извор, да прашам до каде е, односно колку е сигурна информацијата. Со истиот успеав да се слушнам дури околу пладне и при што, сега не можам да откривам детали, но дека на скала од 1 до 10, дека информацијата е некаде 7.“
360°: Тука би ве прашал зошто уште во саботата не одлучивте да побарате притвор, врз основна на оние информации што вие ги имавте, оперативни? Ваши, лично, како шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција?
„Видете, тоа беше непотврдена информација од еден извор. Замислете, кога Агенцијата за национална безбедност нема никаква информација, врз што ние да настапиме со сигурност?“
360°: Дали ги информиравте и обвинителите во случајот, уште кога имавте информацијата или ја чекавте потврдата од МВР?
„Мислам дека, јас, сега не можам да се сетам дали јас ги информирав или јавниот обвинител на Северна Македонија. Мислам, во секој случај беа информирани“
360°: Во последното интервју на „360 степени“ мислам дека јасно кажавте дека не е баш најдобра комуникацијата помеѓу вас и обвинителите кои доаѓаат од СЈО, па затоа ве прашувам дали имаше тековна добра координација со обвинителите…
„Одлична координација имав. Јас не знам дека немам добра комуникација. Не сум го кажала тоа никогаш. Само кажувам дека за одредени предмети што не ми се реферирани од нивна страна не можам да зборувам ништо затоа што не знам. А дека немам добра комуникација апсолутно не сум го кажала. И со обвинителката Ленче Ристовска и со обвинителот Трајче Пеливанов секогаш сум имала одлична комуникација.“
360°: Во неделата, барањето за притвор е поднесено околу 15 часот според вашето соопштение.
„Не околу, туку Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов беа во судот во 14,30 точно. Првиот судија се појавил во судот во 15 часот и тогаш го примил нашиот предлог за притвор.“
360°: Така, во 18,45 вие го добивате решението?
„Да“
360°: До тој момент, кога последен пат е виден Мијалков според тоа што вие сте биле информирани за текот на овој процес?
„Визуелно, од страна на овластени и службени лица е виден некаде после 15 часот. Визуелно.“
360°: Тоа кореспондира отприлика со поднесувањето на вашето барање за притвор?
„Не, еден час после поднесувањето на нашето барање до судот.“
360°: Дали има крт во обвинителството, судот или Министерството за внатрешни работи.
„За обвинителството можам да тврдам дека нема. А за другите установи стварно не сум сигурна.“
360°: Врз основа на што сте сигурни? Дали испитате можеби некого од обвинителството?
„Не, немав потреба да испитувам бидејќи и во саботата и во неделата бев само јас. Во саботата бев само јас кога го пишував известувањето до МВР а во неделата бевме јас и двајцата колеги и немаше никој друг во обвинителството.“
360°: Кои дејствија ги преземате во оваа насока, односно, дали е можно протекување на информација од некој што имал допир со информацијата до обвинетиот.
„Видете, премногу е рано одма да зборуваме за започнување на истрага.“
360°: Да, но се губи драгоцено време. Претпоставувам, тоа треба да е целта, не само да се бара виновник туку потенцијално да се најде и човекот што се бара.
„Па би требало да се најде човекот што се бара. Тоа во секој случај на сите би ни било драго, нели така? Но, сепак кажувам, не сме сигурни дали истиот ја напуштил државата. Во следните денови ќе одлучиме што ќе се преземе и во која насока. Мислам, сега не би сакала да прејудицирам било што.“
360°: Во јавните гласила беше соопштено дека Мијалков се видел со Ивица Коневски околу 14 часот. Не знам дали таа информација е потврдена или не. Дали разговарате со Ивица Коневски?
„Последниот пат е виден како доаѓа во Мериот заедно со неговата сопруга. А тоа е после тоа.“
360°: Уште еднаш ќе прашам, значи до сега со кого е разговарано во однос на вашиот обид да откриете дали има комуникација помеѓу некое лице и Мијалков. Дали е разговарано со семејството, дали е разговарано со некој со којшто е виден друг. Дали е разговарано со некој од оваа полуга, МВР-суд-обвинителство
„За тоа немам информација.“
360°: За на крај би ве прашал. Со оглед на сето кажано, кој е крив што Мијалков избега од очите на системот и сега тука би ги вброил сите бидејќи и вие велите сте имале комуникација, бил визуелно виден, што претпоставувам дека значи и дека МВР имал оперативни дејствија за го следи. Како беше можно, ете да го снема?
„Јас, во овој момент, стварно не сакам да шпекулирам со било чија одговорност.“
360°: Добро, но ја отфрлате дека е кај вас?
„Апсолутно отфрлам дека е во обвинителството затоа што ние ја дадовме информацијата уште во саботата.“
360°: Добро. Индиректно дали може да заклучам дека според вас, кај судот или кај МВР е пропустот?
– Не сакам да шпекулирам каде е пропустот.
360°: Но дали барем го делите мислењето дека има пропусти бидејќи ни се повторува.
„Пропусти има и мене апсолутно ми е лично, како мене, не како обвинител не како човек, ми е страшно што ова ни се повтори. И од тие причини бев толку ангажирана и во саботата и во неделата за да не ни се повтори тоа. Така да… е страшно што постојано ни се повторува.“