Преквалификување на делото во убиство при вршење на родово-базирано насилство претходно побараа и од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Покрај тоа, од Мрежата побараа и одредување на највисока казна за мажот што со 40 убоди од нож уби 46-годишна жена во Кочани
Фемицидот во Кочани да се преквалификува како убиство при вршење на родово-базирано насилство – е барањето кое Платформата за родова еднаквост најави дека ќе го достави до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани до републичкиот обвинител Љубомир Јовески.

Од Платформата посочуваат дека квалификувањето на убиството на жената во Кочани како убиство на свиреп начин покажува дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово-базираното насилство и фемицидот како негов најтежок облик.
„Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство“,
се нагласува во соопштението на Платформата за родова еднаквост.
Преквалификување на делото во убиство при вршење на родово-базирано насилство претходно побараа и од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Покрај тоа, од Мрежата побараа и одредување на највисока казна за мажот што со 40 убоди од нож уби 46-годишна жена во Кочани.
Барањата и реакциите на невладините следуваат откако 46-годишна жена беше убиена пред својата куќа во Кочани. Почина по 40. убодни рани што ѝ ги нанесе 59-годишник. Жената претходно неколкупати пријавувала закани во полиција и во јавното обвинителство од каде што барала и заштита.
