Од болницата во Кочани велат дека медицинската екипа што била повикана констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на самото место

Четириесет и шестгодишна жена е почината од убоди со нож пред куќата во која живеела во Кочани, потврдуваат од Секторот за внатрешни работи во Штип.
Убиството се случило утрово во 6:15 часот, во моментот додека жената се подготвувала да оди на работа.
„Утрово, во 06:15 часот на улицата ’Страшо Ербапче’ во Кочани, 59-годишниот У.Р. ја нападнал 46-годишната Т.М. при што со нож ѝ нанел повеќе убодни рани на телото, по што таа починала. Медицинската екипа што беше повикана констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на самото место“,
вели Душанка Горгиева-Трпевски, директорка на Општата болница со проширена дејност.
Според првичните сознанија, причина за нападот е изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки што напаѓачот се заканувал дека ќе ги објави јавно. Жената претходно неколкупати пријавувала закани во полиција и во јавното обвинителство од каде што барала и заштита.
На местото на убиството увид извршиле ОВР-Кочани и јавен обвинител, а телото на 46-годишната жена е дадено на обдукција.
Педесет и деветгодишниот напаѓач е приведен, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.