Во Македонија има институции со еден или двајца вработени, а со по 11 избрани и именувани функционери.
Над 3750 граѓани членуваат во управни или надзорни одбори. Некои од нив не земаат ниту денар, а некои и по повеќе од илјада евра месечно, иако се далеку од експерти во областа.
„Дали тие служат за да се изберат најдобрите помеѓу нас кои би управувале со нашите јавни институции или повеќе служат како облик на сатисфакција на поддржувачи на одредена политичка гарнитура.“ – се прашува професорот Драган Гоцевски.
Дали на Македонија повеќе и треба реформа на системот на институции отколку реформа на администрацијата?
Могила е лоцирана во пелагонискиот регион. Како и во други општини и тука за отпадот, водоводот и канализацијата, која само некаде ја има, се грижи јавно комунално претпријатие. Но ЈКП „Пела“ со себе носи куриозитет – има еден вработен кого го управуваат еден директор, 5 члена на управен и 5 члена на надзорен одбор.
„Во комуналното претпријатие, моментално, може да се види и на терен, дека имаме 14 вработени од кои еден, тој што стои официјално, е вработен мислам 2012 година, превземен преку македонски шуми со интерен оглас, додека останатите се преку агенција за привремени вработувања.“ – вели директорот на комуналното Зоранче Сакурмовски.
Дека општинското комунално претпријатие не е измислено само за во него да се вдомат директор или членови на управен и надзорен одбор, тврди и градоначалничката. Причината што на хартија 11 функционери управуваат со еден вработен, е што не можат ди ги вработат останатите што реално работат.
„Претходно, разговаравме исто така со директорот на комуналното претпријатие да побараме од надлежните институции да ни дозволат, во согласно со систематизацијата на јавното комунално претпријатие, да вработиме на неопределено време од тие луѓе што се преку Агенција за времени вработувања, а тука работат преку пет години.“ – објаснува градоначалничката на о. Могила, Јасмина Гулевска.
Но, Могила не е единствената општина во земјава со јавно претпријатие во кое има далеку повеќе функционери отколку вработени. Такви се и:
Јавното комунално претпријатие „Лиќени Треска“ – општина Сарај.
Јавното комунално претпријатие „Студеничани“
Јавното претпријатие за комунални дејности и инфраструктура „Кратово“
Јавното претпријатие за комунални дејности „Октиси“
И не се само комуналните претпријатија низ Македонија кои имаат повеќе функционери од вработени. Слична е состојбата со многу други јавни установи, како библиотеки, музеи, центри за култура, на пример:
Градски музеј – Крива Паланка
Научно-културни средби „Десет дена Крушевска Република“
Дом за деца и млади „Благој Мучето“ – Струмица
Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија
Во оваа група е и библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево, која почнала како читалиште уште во 1926 година. Денеска работи во една мала просторија. Има еден библиотекар, со кој раководи директор и петчлен управен одбор. Библиотекарката е задоволна од организациската поставеност, бидејќи знаат и за полошо.
„На времето, кога мајка ми работеше во библиотеката, таа беше само еден вработен и таа мораше да оди во Берово, значи главното беше во Берово, и таа имаше многу проблеми со плати, со набавка на книги итн. Видовме дека тоа не функционира како што треба. Кога таа се избори да биде библиотеката во Пехчево под Министерство за култура, веќе беше подруго.“ – раскажува библиотекарката Габриела Костадинова.
Сите овие примери се само фрагменти од шестмесечното истражувањето на Центарот за управување со промени за бројот на институции во Македонија, бројот на вработени и на раководни лица.
Тие избројаа дека во земјава има вкупно 1334 јавни институции. Во 147 од нив има до 10 вработени или вкупно 852-ца вработени. Но, овие 852-ца се раководени од вкупно 1003 избрани и именувани лица.
Овие бројки, вели професорот Драган Гоцевски, кој го водеше истражувањето, покажуваат дека Македонија има помал проблем со големиот број административци отколку со многуте институции и функционери. Неговиот предлог е малите установи да се спојуваат во регионални за да се добијат институции со повеќе вработени, а еден директор и управен и надзорен одбор.
„Тоа подразбира неколку општини да имаат едно јавно комунално претпријатие кое би се грижело за прибирање, управување со цврст или течен отпад. Или музеи, музејската дејност каде што имаме по еден кустос и 5 члена на управен одбор и еден директор. Зошто да има општини кои треба да имаат музеј и треба да имаат библиотеки, никој не вели дека треба да се укинат, меѓутоа како правни субјекти во Централен регистар неколку општини може да имаат една заедничка библиотека. Последици кон веќе вработените, објектите и нивните капацитети нема да има. Се што ќе се случи е правните субјекти тие пет библиотеки би се укинале и би се формирала една нова, би се припоиле кон најголемата. Би имале еден директор, еден управен одбор од пет члена, а би добиле 7, 8 или 9 вработени и еден заеднички буџет.“ – смета професорот Гоцевски.
Додека овој предлог сега е на маса и пред владата, ниту во Могила, ниту во Пехчево не даваат поддршка.
„Мислам дека тоа не е добра идеја затоа што ако постои само еден директор за, да речеме, три институции, мислам дека секогаш интересот на директорот ќе биде насочен во местото каде што е поставен.“ – смета директорката на библиотеката „Кочо Рацин“ во Пехчево, Јасмина Цековска.
„Сега кога ние изградивме едно реноме на нашата библиотека, да дојде сега некој да каже дека ќе бидеме во состав со Домот на културата – не! Значи тоа нема да функционира така како што функционира сега.“ – негодува библиотекарката Костадинова.
„Тоа во моментов не е добра идеја. Кога би се здружиле со друга општина ќе треба да изградиме канцеларии, ќе треба да издадеме градежна дозвола за нова локација и за изградба. Тоа се дополнителни средства.“ – тврди градоначалничката на о. Могила, Гулевска.
Друг важен податок поврзан со организацијата на јавните институции во земјава, што го откри истражувањето, се надоместоците за членство во управни одбори. На некои места ова не е платено, но на други места месечниот надоместок оди над илјада и 100 евра.
Таков е примерот со АД МЕПСО, кој е одговорен за пренос на струјата низ високонапонската мрежа во земјава. Таму членовите на управниот одбор добиваат по 70 илјади денари месечно.
Впечатлив е и примерот со Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор. Претседателот на управниот одбор зема 23.500 денари секој месец, а членовите по 20.500 денари.
Но, специфичноста е во сознанието дека Агенцијата е формирана за да биде регулатор на железничкиот сообраќај, но бидејќи во превозот нема приватни фирми туку само државата, агенцијата и нема што да регулира.
Сепак, оттаму велат дека морало да постојат.
„Република Македонија е земја која што се стреми кон пристапување во Европската унија, а носењето на одлука за затворање на регулаторна или надзорна агенција, нејзино приклучување кон друга државна институција е чекор наназад.“ – велат од Агенцијата.
Сите управни и надзорни одбори државата ја чинат околу 2,5 милиони евра годишно – сума која според препораката од истражувањето треба да се рационализира. Друга препорака е да се корегира начинот на одредување на висината на надоместоците, особено што има големи разлики кај институции од иста област.
Според истражувањето, меѓу оние кои земаат најголеми надоместоци се управните одбори на акционерските друштва во државна сопственост и некои агенции. Но, токму тие најчесто ги кријат износите.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од А.Д. Македонски навигации побаравме да не информираат колкави надоместоци примаат членовите на нивните управни одбори. Се повикавме на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, и од двете институции одговорија дека не се должни да ни ги кажат сумите.
Ограничената транспарентност и големите разлики во надоместоците за учество во управни и надзорни одбори би биле помал проблем, ако истражувањето на крај не заклучува дека луѓето избрани на тие позиции и не се баш кадарни.
„Директорот и членовите на управните одбори или членовите на стручните совети не се целосно професионализирани, односно нема доволно пропишани критериуми кои што треба да се исполнуваат за одредено лице да биде назначено на овие позиции. Лесно е да се отвори прашањето дали преку нив се врши одредено заобиколување, дали тие служат за да се изберат најдобрите помеѓу нас кои би управувале со нашите јавни институции или повеќе служат како облик на сатисфакција на поддржувачи на одредена политичка гарнитура. Меѓутоа, ова се места кои што секаде во светот подлежат на некаков споилс. Останува да видиме на внатрешно ниво дали членовите на советите на општините и Владата и пратениците се придржуваат да ги бираат најдобрите помеѓу своите редови или само некои што им беа најлојални.“ – вели професорот Гоцевски.
Засега е неизвесно како, но и дали воопшто владата ќе се справи со апсурдите во организацијата на институциите. Искуството од минатото покажува инертност кај државата за вакви зафати. На пример, Агенцијата за нуклеарни технологии изминативе години упорно добиваше буџет и до 90 илјади евра, иако од 2015 година нема кој да ги троши парите, бидејќи е без директор и без вработени. Можеби таа ќе биде првиот пример дека се може и без некои од институциите.
Напишете коментар