Од Институтот „Крсте Мисирков“ од Скопје реагираат за најновото издание на Бугарската академија „За официалния език на Република Северна Македония“, посочувајќи дека станува збор за „книшка“, која не е научно заснована, туку информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература
Заедничката иднина треба да се гради со меѓусебна доверба и пријателство. Тоа ќе се постигне само доколку се прифатиме и вистински се почитуваме, а секој што претендира себеси да се смета за научник мора да биде во согласност со времето. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик и на самоопределување. Секој обид да се постигне тоа со сила или уцена ќе биде неуспешен, истакнуваат од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје во реакција до медиумите на најновото издание на Бугарската академија на науките (БАН) со наслов „За официалния език на Република Северна Македония“.
Изданието е потпишано од 12 автори и шест надворешни консултанти под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на БАН, а беше промовирано на 7 мај годинава.
„Она што може да се заклучи од првиот поглед на оваа книшка е дека ставовите на авторите не се научно базирани. Македонскиот јазик функционира како стандарден јазик веќе 75 години, рамноправен во рамките на Обединетите нации, со испишани илјадници страници во сите функционални стилови. Вештачките јазици, оние кои немаат жива основа не успеаја да го поминат тестот на времето. Таков беше случајот со есперантото, на пр. македонскиот јазик кодифициран на народна основа го нема тој проблем… Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин. Впрочем, во последните 100 години, само за време на окупацијата од 1941 до 1944 година во поголемиот дел на Македонија службен бил бугарскиот јазик, така што двата јазика се развивале одделно и притоа доста се оддалечиле“,
велат од Институтот „Крсте Мисирков“.
Главните тези на оваа книшка, потенцираат, ни се добро познати зашто претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното „непостоење“ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи.
„По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија кои се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик“,
потенцираат од Институтот за македонски јазик.
Во вкупно 11 поглавја, додаваат, поголемиот дел насловени како „Вистината за…“, ни се нудат искривени факти за историјата на македонскиот јазик, за имињата, за „бугарските“ книжевници од преродбата, за создавањето на книжевната норма, за „бугарската“ природа на македонските дијалекти итн. Книшката започнува со тезата дека „официјалниот јазик на Република Северна Македонија по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“ (с. 7), термин кој не постои во лингвистиката како наука, и понатаму се дадени „аргументите“ кои, според нив, ја докажуваат таа теза.
„Македонскиот јазик е предмет на интерес на повеќе странски научници, како на пр., на Хорас Лант, професор на Универзитетот Харвард и студент на Роман Јакобсон, кој во 1952 г. објави „Граматика на македонскиот литературен јазик“ на англиски, потоа Гард, Миниси, Пјанка, Хил, Лубаш, Фридман, Усикова, Крамер и др.. Застапен е во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), Европскиот лингвистички атлас (ЕЛА) (Atlas Linuarum Europae ‒ ALE), Малиот балкански атлас. Македонскиот јазик се проучува. Mакедонскиот јазик се изучува и се изучувал на различни нивоа на повеќе од 30 универзитети во светот, а за научни проучувања бројката е многу поголема. Тоа е реалноста,“
нагласуваат од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.