Пациентите што биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но сѐ уште имаат компликации од ковид-19 можат да се јават на преглед во Институтот преку „Мој термин“, како и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација
Поради долгорочните последици кои ги остава ковид-19 и сѐ поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои го прележале вирусот, Институтот за физикална медицина и рехабилитација подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за постковид-рехабилитација, информира Министерството за здравство.
Од Министерството посочуваат дека досега Институтот имаше само индивидуални барања од страна на пациенти кои се третираа амбулантски, но од неодамна оваа јавно здравствена установа во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и ГОБ „8 Септември“ започна со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале ковид-19 и согласно тоа, заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката и болницата, Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри.
„Овие пациенти, кои со денови, некои и недели биле хоспитализирани заради ковид-19, се соочуваат со тешкотии и во дишењето и во движењето, кои побрзо и полесно се надминуваат со стручна помош, во смисла на респираторни вежби и физикални вежби за нивно враќање кон нормалните животни активности. Она што досега го гледаме како резултат од рехабилитацијата е исклучителен напредок кај овие пациенти. Некои доаѓаат во колички, неподвижни, изнемоштени, а по само две недели веќе одат самостојно, без помагала. Со ова, практично, одиме чекор понатаму во грижата за пациентите со ковид-19. Се грижиме не само за превенција, со вакцините кои се во најава и лекување, туку и рехабилитација која е навистина важен сегмент од секој напреден здравствен систем“,
вели министерот Филипче.
Од Министерството велат дека рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели.
„Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции“,
истакна Маја Манолева, директорка на Институтот за физикална медицина и рехабилитација.
Пациентите што биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но сѐ уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку „Мој термин“, но и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.
Дополнително, Институтот веќе е во комуникација и со дел од општите болници низ државата за пренесување на искуствата и едукација на кадарот од тие болници со цел нивно понатамошно вклучување за рехабилитација на овие пациенти.
