Од Инспекцискиот совет апелираат до граѓаните да не поднесуваат неосновани пријави, како што било утврдено во однос покачувањето на цените на лимоните
Шесте инспекциски служби во земјава во периодот од 28 март до 1 април извршиле вкупно 5 213 контроли и општата констатација е дека поголем дел од субјектите ги почитуваат владините мерки за заштита од коронавирусот.
Најголем дел од контролите – 4 261 се извршени од Пазарниот инспекторат, од кои 823 биле да се утврди дали се почитува мерката за замрзнување на цените на одредени производи, додека останатите 3 438 биле на трговски и угостителски објекти.

Во овој период се затворени 20 угостителски во Скопје, Гостивар, Тетово, Струга и Битола, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска на денешната прес-конференција на која присуствуваа првите луѓе на сите шест инспекторати во земјава.
При контролата за тоа дали се почитува мерката за замрзнување на цените на некои производи, Пазарната инспекција утврдила помал број зголемени цени на цитрусно овошје и други производи, кои по укажувањето биле вратени на оние од 11 март.

Но, она на што предупредува Инспекцискиот совет се големиот број неосновани пријави за покачени цени на лимони, па затоа Филиповска-Грашкоска апелира, поради малиот број инспектори, пријавувањето да има само на реална основа.
Во овие неколку дена реагирана е и пријава за фалсификувани средства за дезинфекција и тоа „екосал“ и „дезентал“, а надзорот е во тек.
Санитарниот и здравствен инспекторат извршил 74 надзори во овие пет ден и издадени се 1 019 дозволи за влез на професионални возачи во земјава, кои однесуваат на снабдување со неопходни стоки во државата, и контактирано е дека тие се придржувале на владините мерки.
Инспекторатот за храна и ветеринарство извршил 277 надзори во маркети, угостителски објекти, производствени погони, месарници и зелени пазари, при што се изречени 22 мерки поради неспроведени обуки за безбедност на храна и за работа без здравствен преглед за санитарна книшка. Издадени се и пет решенија на месарници и маркети поради лоша хигиенска состојба.

Инспекторатот за транспорт извршил 155 надзори, при што е констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е во голем обем редуциран за речиси 90 проценти, додека меѓународниот е во целосен прекин.
Агенцијата за лекови – МАЛМЕД извршила 32 надзори и констатирала дека нема специфични отстапувања, дека во аптеките има ред со ограничен влез, а цените се согласно предлозите и одлуките на владата.
Инспекторатот за труд извршил 414 контроли и издал 1 решение и 22 укажувања за работодавачи кои не се држеле до препораките поврзани со постапување за платено отсуство за дете од 10 години на самохран родител, за бремени жени и хронични болни.