Незадоволството од бавното решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Кочани, особено од „Пејпер мил“, граѓаните го искажаа викендов со двочасовна блокада пред влезот на фабриката
Државниот инспекторат за животна средина интензивно работи на спречување на загадувањето од фабриката „Пејпер мил“ во Кочани и доколку наскоро состојбите не се променат можно е нејзино затворање, најави директорката на инспекторатот, Ана Петровска.
„Со последното мерење од почетокот на декември се утврди дека се надминати дозволените вредности, односно беше докажано дека котелот на пелети не може да се користи со постојниот систем за пречистување на отпадните гасови и дека мора да се преземат одредени мерки. Наместо водено отпрашување подобри резултати ќе даде вреќаст филтер, за што сме во комуникација со Министерството за животна средина коешто треба да направи приспособување на интегрираната дозвола, а компанијата да направи инвестиција за инсталирање таков филтер. Следното мерење е закажано за 30 декември и од резултатите ќе зависи дали и понатаму ‘Пејпар мил’ ќе може воопшто да работи, односно ако има отстапување од дозволените параметри ќе биде задолжен, наместо со пелети, да работи на метан. Ако тоа не е можно, ќе наредиме престанок на функционирањето на инсталацијата“,
истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска.
Градоначалникот Илијев нагласи дека локалната самоуправа, во рамки на своите законски надлежности, презема мерки за намалување на причините за аерозагадувањето и го истакнува субвенционирањето на набавката на печки на пелети и инвертер-климатизери, како и проектот за спречување на палењето на сламата по жетвата на оризот.
Незадоволството од бавното решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Кочани, особено од „Пејпер мил“, граѓаните го искажаа викендов со двочасовна блокада пред влезот на фабриката.