БЕСА на Билал Касами достави до Владата свои предлози за уставни амандмани. Измени на Уставот за унапредување на статусот на Албанците бара и партијата на Зијадин Села.
„Некои од нив се отворени прашања, историски за албанскиот народ за кои е ангажирано Движењето БЕСА од своето основање.“, вели Кастриот Реџепи – потпретседателот на БЕСА, од крилото на Касами.
„И господинот Заев зема околу 50-60 илјади албански гласови кажувајќи дека албанскиот јазик ќе биде официјален јазик.“, вели генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.
За партиите на Албанците кои се на власт овие барање се маркетинг на опозицијата.
„Политичка пропаганда за ситно профитирање од нивна страна на големи национални теми кои што веќе се, нели истрошени, затоа што веќе го усвоивме Законот за јазиците во Собранието на Република Македонија и тој само што треба да се објави во Службен весник со потпис од претседателот Џафери, како и господинот Иванов.“, вели пратеникот од ДУИ, Артан Груби.
„За Албанците во Македонија засега нема поголем интерес од членството во НАТО.“, напоменува Орхан Муртезани, портпарол на БЕСА, од Африм Гаши.
Но, независно од политичката полемика, има ли правна основа за барањата на Касами и Села?
———————————
Во преамбулата на Уставот да се врати текстот од Рамковниот договор од 2001-та, во кој Македонија е дефинирана како држава на сите граѓани, албанскиот јазик да стане официјален на целата територија на државава, да се наведе дека Македoнија ќе се грижи еднакво за граѓаните од сите етнички заедници кои живеат во дијаспората и претседателот на државата да не може да блокира закони кои по вторпат се усвоени во Собранието.
Ова се предлог-амандманите што лидерот на едното крило на БЕСА Билал Касами ги достави до премиерот Зоран Заев. Бара тие да се вклучат во пакетот уставни измени за името. Свои предлози во иста насока подготвуваат и од Алијанса за Албанците. Но, експерти по уставно право што ги прашавме за став, како асистентот на Правниот факултет во Скопје, Денис Прешова, велат дека дополнителни барања во оваа фаза од постапката немаат основа.
„Изготвувањето на нацрт-амандманите претставува втора односно трета фаза од постапката и таа е детерминирана од претходните фази. Поточно, член 194 (од Деловникот) определува дека предлогот за пристапување кон измена на Уставот треба да содржи конкретни насоки и причини за изменување и дополнување на Уставот. Во конкретната ситуација, тоа е имплементација на Преспанскиот договор. Со одлуката за пристапување кон измена на Уставот, во основа, се прифатени конкретните насоки и причини предвидени со предлогот.“, објаснува Прешова.
За него, и заклучокот што се усвојува веднаш по донесувањето на одлуката за пристапување кон измена на Уставот, ги потврдува рамките во кои ќе се изготвуваат нацрт-амандманите.
„Врз основа на одлуката и заклучокот понатаму се изготвува нацртот. Поради ова, од процедурален аспект, не е допуштено нацрт-амандманите да ги надминуваат или да отстапуваат од рамките поставени со конкретните насоки и причини кои се предвидени со предлогот и кои се усвоени со одлуката за пристапување кон измена на Уставот. За такви амандмани предлогот треба да содржи конкретни насоки и причини, а тоа не е случај во конкретната ситуација.“
Соочени со ваквиот став, иницијаторите на дополнителни амандмани се повикуваат на свои правни експерти.
„Се консултиравме со правни експерти при составување на овие барања и сме во постојани консултации, не сакаме да прогнозираме и да мислиме дека на ниту еден начин нема да се прифатат нашите предлози, напротив, ние сме оптимисти и иако не се веруваше дека ќе се соберат дво-третинските гласови за уставните измени, тоа се случи и ние мислиме дека и во овој случај, на крај, се ќе заврши успешно и повеќето од нашите предлози ќе бидат составен дел од текстот.“, вели Реџепи.
Амандмани се пишуваат и во Алијанса за Албанците. Генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, вели дека не станува збор за пазарење туку за легитимни и правно издржани барања.
„Дојдовме во ситуација кога зборуваме за криминалци, луѓе кои сакаа да убијат, зборуваме дека можеме нив да ги амнестираме, а за албанскиот јазик за уставна категорија никако не можеме да зборуваме. Едното не е табу, другото е табу, ова се ненормални работи во едно општество.
-Во оваа фаза на отворање на Устав со цел за имплементација на Преспанскиот договор, во таа дефинирана рамка, барање надвор од Преспанскиот договор се смета за отстапување од целта и причината за која е отворен Уставот.
Видете, уставот е отворен пред 16 години, следниот пат ќе се отвори можеби 2035 или никогаш, затоа ништо не е табу да се отвори и да се зборува. Сега е моментот кога може да се направат одредени промени, зад кои што стоеше и премиерот и албанските партии.“, смета Таравари.
Но, освен правните пречки за кои зборува асистентот Денис Прешова, партиите на Албанците добиле пријателски совети за претпазливост од претставници на меѓународната заедница.
-Вашиот лидер имаше можност да се види и со господинот Палмер. Што му кажа Палмер?
„Информиран е господинот Палмер за иницијативата на БЕСА, за нашата поддршка да се направат уставни измени. На сите им е јасен важниот и историски момент и грижата, односно внимателноста која треба да се има во овој процес и нашиот пристап е со максимално внимание, обидувајќи се да придонесеме, а не да го загрозиме процесот.“, вели Реџепи.
Американскиот дипломат Метју Палмер пред една недела се сретна со раководствата на сите партии на Албанците застапени во Собранието. Според нашите извори, за сите го имал истиот совет – да не се комплицира процесот на уставни измени за името.
Владејачките партии сметаат дека како и да одиграат Села и Касами, процесот нема да биде загрозен.
„Мислам дека они од своето елементарно непознавање, веќе познаваат во поле на дневна политика на искористување на ситуацијата и јас сум убеден дека нема да претставува никаква пречка за целиов овој процес, а на крај на краиштата пак, сметам дека ќе имаме многу повеќе од 80 гласови во следното гласање и нивните четири гласови се нерелевантни во целиов процес веќе.“, тврди Груби.
„Мислам дека сме во еден исторички момент, историски случај по многу жртвување и целиот политички спектар во земјата треба да даде шанса за заокружување на овој процес и членство на земјата во НАТО, така што од сите политички фактори во земјата е потребна конструктивност и поддршка во овој правец.“, додава Муртезани.
Напишете коментар