„Тие (ЈСП и приватните превозници) ќе мора меѓу себе низ законска процедура да ги дефинираат обврските и исполнувањето на обврските коишто ги имаат, бидејќи ако реши Градот Скопје да се откаже, како што се откажа од парното греење, да каже дека нема да се занимава ниту со јавен превоз, тогаш државата ќе треба да ги преземе и тие ингеренции. Но, која е тогаш целта поради која тие управуваат со градот“, изјави премиерот
Ковачевски кон средината на декември најави дека Владата ќе организира средба со приватните превозници за да се запознае со нивниот проблем и доколку има можност и е во рамките на надлежносите на централната власт, да помогне тој да се реши. Но, таков состанок никогаш не се случи
Владата нема никакви ингеренции во делот на јавниот превоз во Град Скопје или во кој било друг град во државата, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со барањата на приватните превозници кои покрај со раководството на ЈСП и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, инсистираат и на средба со премиерот за решавање на проблемот со долгот што ЈСП го има кон нив.

На новинарско прашање дали тоа значи дека нема да има средба со нив, Ковачевски рече дека Владата ќе има средба со секого, но повтори дека ингеренциите за јавниот превоз се во Градот Скопје.
Ковачевски кон средината на декември најави дека Владата ќе организира средба со приватните превозници за да се запознае со нивниот проблем и доколку има можност и е во рамките на надлежносите на централната власт, да помогне тој да се реши. Но, таков состанок никогаш не се случи.
„Се работи за должничко-доверителски односи помеѓу ЈСП, Јавно претпријатие во сопственост на Градот Скопје и приватни превозници. Владата нема никакви ингеренции во делот на Градот Скопје или во кој било друг град во државата. Ние тогаш кажавме дека од Управата за јавни приходи треба да проверат за што точно се работи и да ги погледнат извештаите. Тие (ЈСП и приватните превозници) ќе мора меѓу себе низ законска процедура да ги дефинираат обврските и исполнувањето на обврските коишто ги имаат, бидејќи ако реши Градот Скопје да се откаже, како што се откажа од парното греење, да каже дека нема да се занимава ниту со јавен превоз, тогаш државата ќе треба да ги преземе и тие ингеренции. Меѓутоа, сметам дека со таа амбиција со која ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во градот Скопје и во најголем дел од општините во државата, на крајот да се откажува од една по друга ингеренција, за мене е несфатливо. Која е тогаш целта заради која тие управуваат со градот Скопје“,
изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во рамките на вториот ден од конференцијата „Година на нови можности“.
Надоврзувајќи се во тој контекст, премиерот постави хипотетичка ситуација – Градот Скопје да се соочи со проблем во снабдувањето на градот со вода за пиење.
„Замислете ако Град Скопје каже, ние не сме должни за снабдување со топлинска енергија на граѓаните, па не сме задолжени за јавниот превоз, утре да каже исто и за снабдувањето со вода, тогаш зошто сме правеле децентрализација во државата. Сега ќе се враќаме чекор назад во децентрализацијата, наместо да одиме чекор напред“,
рече премиерот.
Приватните превозници вчера излегоа пред управната зграда на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од каде што побараа средба со директорот Александар Стојковски, за да им даде објаснување зошто шест месеци немаа земено ниту денар од средствата што им ги должи претпријатието.
Како што изјави приватниот превозник Јовица Зафировски, кој се обрати во името на останатите свои колеги, доведени се на раб на егзистенција бидејќи веќе три месеци не работат.
Тие не беа примени од директорот на ЈСП, со образложение дека е на состанок и не е присутен во дирекцијата на претпријатието.
Приватните превозници најавија дека повторно ќе се обидат да договорат состанок со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, а ако и тоа не даде резултат, рече Зафировски, ќе се обратат до премиерот Димитар Ковачевски.
„Доколку и градоначалничката не нè прими, ќе се обратиме до премиерот, тој да биде медијатор на оваа ситуација, да можеме конечно да изнајдеме решение, да бидеме повторно сервис на граѓаните, да ги активираме автобусите“,
рече Зафировски.
Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не наидат на слух од никого, претставникот на приватните превозници изјави дека тогаш единствен излез ќе биде повторно излегување на протести.
Приватните превозници пред три месеци престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје, а поради тоа што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, им ги раскина договорите.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвениот крст, како и булеварот „Илинден“.
Потоа ги одблокираа крстосниците кај „Мавровка“ и Црвениот крст и останаа да протестираат само на булеварот „Илинден“, непосредно околу просториите на Град Скопје.
Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари.
По девет дена блокада, превозниците ги тргнаа автобусите затоа што добија ветување од премиерот Димитар Ковачевски дека ќе оствари средба со нив, но под услов да престанат со блокадите.
По ова, јавниот градски превоз продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.