Инфлацијата го продолжува трендот на намалување и во јули изнесува 2,3% на годишно ниво. Во април 2026 година инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 5,7%, во мај 4,8% и во јуни 3,4%. Забавување на растот на цените е забележано и на месечно ниво кај речиси сите категории производи и услуги, со исклучок на транспортот. Ова е уште еден охрабрувачки сигнал за движењата во економијата, вели министерката за финансии Димитриеска-Кочоска

Инфлацијата во јули е зголемена за 0,5% во споредба со јуни. Но, за разлика од статистиките на месечно ниво, за истиот период лани, индексот на трошоците за живот бележи зголемување од 2,3 проценти.
Најновите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во некои категории цените пораснале, додека во други паднале.
„Во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Транспорт за 4.4 %, Рекреација, спорт и култура за 2.6 %, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива за 0.9 %, Ресторани и услуги за сместување за 0.7 %, Услуги за образование за 0.3 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1%.
Во јули 2026 година, во однос на јуни 2026 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 1.4 %, Храна и безалкохолни пијалаци за 1.1 %, Облека и обувки за 0.2 %, Информации и комуникации и Здравствена заштита за 0.1 %“,
соопшти Државниот завод за статистика.
Со тоа што инфлацијата на месечно ниво изнесува 0,1 проценти, за Министерството за економија и труд е показател дека ценовните движења остануваат стабилни, без значителни шокови на пазарот.
„Министерството за економија и труд и понатаму внимателно ги следи движењата на цените преку официјалните статистички податоци, но и преку анализите на набавните и продажните цени и бруто-профитните маржи. Паралелно, Државниот пазарен инспекторат продолжува со редовни и засилени инспекциски контроли за да се спречат евентуални злоупотреби и неоправдани поскапувања. Во моментов, официјалните показатели не упатуваат на потреба од воведување нови интервентни мерки, бидејќи ценовните движења се стабилни, а кај најзначајната категорија – храната – веќе втор месец по ред се бележи намалување на цените“,
велат од Министерството.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, бројките упатуваат на стабилизирање на економските текови и задржување на позитивните трендови во економијата.
„Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата го продолжува трендот на намалување и во јули изнесува 2,3% на годишно ниво. Во април 2026 година инфлацијата на годишно ниво изнесуваше 5,7%, во мај 4,8% и во јуни 3,4%. Забавување на растот на цените е забележано и на месечно ниво кај речиси сите категории производи и услуги, со исклучок на транспортот. Ова е уште еден охрабрувачки сигнал за движењата во економијата. Покрај намалувањето на инфлацијата, раст бележат и извозот, индустриското производство и вработеноста, што укажува дека економските политики даваат резултати. Тоа се потврдува и со растот на даночните приходи во Буџетот заклучно со 31 јули 2026 година. Ќе продолжиме внимателно да ги следиме економските движења и да креираме мерки кои се во интерес на граѓаните, за заштита на животниот стандард и за понатамошно зајакнување на македонската економија“,
објави Кочовска.
