Како примери за владеење на правото се скандинавските земји, додека на дното на листата се Венецуела, Камбоџа и Авганистан

Северна Македонија годинава бележи скок од едно место на Индексот на владеење на правото што го објавува невладината организација од Вашингтон ВЈП (World Justice Project).
Годинава, земјава е на 63. место од вкупно 140 држави ширум светот. Од регионот на Западен Балкан подобро рангирано од нас е Косово на 57. место. Зад С Македонија, пак, се Босна и Херцеговина (70), Србија (83) и Албанија (87). Црна Гора, пак, не е опфатена со извештајот.

Од останатите соседни земји, пак, Грција е на 44., а Бугарија го зазема 60. место и заедно со Унгарија која е на 73. место во светот, се последни во ЕУ според Индексот на владеење на правото.
Во светски рамки најдобро рангирани во првите десет се: Данска, Норвешка, Финска, Шведска, Холандија, Германија, Нов Зеланд, Луксембург, Естонија и Ирска.

На дното на листата се Венецуела, Камбоџа, Авганистан, Демократска Република Конго, Хаити, Египет, Камерун, Никарагва, Мјанмар…

Индексот на владеење на правото, вашингтонската организација го објавува од 2009 година, и истиот се мери врз осум фактори: Ограничувања на владините овластувања; Отсуство на корупција; Отворена влада; Фундаментални права; Ред и безбедност; Регулаторно спроведување; Граѓанска правда; и Кривична правда.
За овогодишниот Индекс на владеење на правото биле анкетирани повеќе од 154 000 домаќинства и 3 600 правни експерти.