Претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова смета дека кај одредени состојби како алергии или автоимуни заболувања мора да се консултира лекар за тоа која од вакцините најмногу одговара
Вакцините против ковид-19 обезбедуваат имунитет од шест до девет месеци, вели претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова.

Во интервју за Сител, таа уште еднаш го повтори она што здравствените власти во земјава го кажуваат во континуитет, дека сите вакцини се безбедни, но дека лица со одредени состојби како алергии или автоимуни заболувања мора да се консултираат со лекар за тоа која од вакцините најмногу одговара.
„Алергии и состојби на автоимуни заболувања треба будно да се следат. Исто така, и каква било здравствена состојба, кај која имунолошкиот систем е на некој начин засегнат, би значело временско одложување, но во никој случај контраиндикација за примање на вакцините“,
вели Грозданова.
Во врска со забелешките за вакцината на „АстраЗенека“, која треба да пристигне кај нас преку КОВАКС механизмот, таа вели дека не се доведува во прашање нејзината безбедност, туку вакцината се покажала како помалку ефикасна кај јужноафриканската мутација на САРС-КоВ-2 и кај лица над 65 години, односно создава 60 отсто заштита, што според неа, е доволно.
Од друга страна, таа вели дека „АстраЗенека“ се покажала како многу ефикасна кај лица со алергии, за разлика од фајзеровата вакцина и онаа на „Модерна“, кои кај мал број лица со алергии предизвикале несакани ефекти.