За случајот е известен надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за „360 степени“
Засега нема индиции дека овој случај е поврзан со опожарувањето на возилото што го користел директорот на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, кој инаку беше судија поротник во дел од предметите што Кацарска ги судеше во Основниот кривичен суд Скопје, како оној за 27 април или некои од оние што ги отвори некогашното СЈО
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, вчера веднаш до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож, дознава „360 степени“.

Претседателката на Уставен случајот го пријавила во полиција, од каде што ни го потврдија настанот и велат дека за него е известен надлежен јавен обвинител. Дополнително, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во информацијата на Министерството за внатрешни работи не е наведено дека станува збор за претседателката на Уставниот суд, но иницијалите на пријавителот на случајот одговараат на нејзиното име и презиме.
„На 14.5.2024 г. во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека во подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Инаку, во 14 часот денеска во Уставниот суд е најавена прес-конференција по редовната седница на која се очекуваат детали и за овој случај.
Утринава, пак, како што потврди МВР, во скопската населба Кисела Вода бил запален автомобил сопственост на затворот „Идризово“, кое го користел директорот на оваа казнено-поправна установа, Зоран Јовановски.
„На 15.5.2024 г. во 3:35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило ’фолксваген пасат’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено–поправната установа затвор ’Идризово’, кое било паркирано од З.Ј.“,
соопштија денеска од МВР.
Оттаму додадоа дека од пожарот бил зафатен дел и од фасадата на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Во пожарот нема повредени лица.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Случајно или не, Зоран Јовановски беше судија поротник во дел од предметите што Кацарска ги судеше во Основниот кривичен суд Скопје, дел од нив високопрофилни, како оној за 27 април или некои од оние што ги покрена некогашното СЈО.
Засега нема индиции дека двата случаи се поврзани.