„Новите цени стапија во сила пред околу три недели. Тоа значи дека граѓаните веќе плаќаат 75 отсто помали цени за катастарските услугите што ги добиваат“, рече директорот на Агенцијата за катастар
Граѓаните или правните субјекти ќе можат да извадат имотни листови преку новиот портал е-услуги на Агенцијата за катастар за недвижности во рок од неколку секунди до една минута. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Иван Живковски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, посочувајќи дека со новиот портал e-uslugi.katastar.gov.mk се овозможува брз електронски пристап до вкупно 94 различни катастарски услуги.
Досегашната веб-страница ossp.katastar.gov.mk/OSSP, според Живковски, ќе биде активна до 31 декември 2024 година, а од следната година граѓаните ќе имаат пристап до услугите на Катастарот исклучиво преку новиот портал.
Со ова, не се исклучува можноста, вели тој, граѓаните, правните лица и другите корисници да ги бараат услугите преку шалтерите на Катастарот.
„Со новиот портал се овозможува услугите да се добијат веднаш по нарачката преку електронска пошта, што го скратува времето и ги ослободува корисниците од чекање пред шалтерите. Значи, со оваа дигитализација се намалуваат административните процедури и се овозможува ефикасен пристап до услугите“,
вели Живковски.
Посочи дека до крајот на годината ќе бидат додадени уште десетина нови услуги, а следната година се предвидува и дополнително проширување за уште десет услуги.
„Најчесто користена услуга е вадење имотен лист. Со новиот портал практично граѓаните во рок од десет секунди до една минута податоците ќе им бидат пратени на имејл. Така, добиваат документ електронски верифициран, што може да се користи како јавен документ пред сите институции. Постои и можност доколку корисниците сакаат да одберат да ја добијат нарачката преку Македонска пошта“,
рече тој.
Според него, Агенцијата за катастар е првата државна институција со над 100 целосно дигитализирани услуги достапни за граѓаните.
Живковски вели дека кога стапил на директорската функција веднаш предложил до Управниот одбор на Агенцијата да се намалат цените на катастарските услуги до 75 отсто.
„Тоа заедно ги најавивме и со премиерот. Целата постапка финишираше, а Владата го усвои новиот тарифник. Новите цени стапија на сила пред околу три недели. Тоа значи дека граѓаните веќе плаќаат 75 отсто помали цени за катастарските услугите што ги добиваат“,
вели директорот на Агенцијата за катастар.
Посочи дека наследиле околу 5 600 заостанати предмети што не се решавале дури и по шест-седум месеци.
„Имаше и предмети што чекаа и по една година. Успеваме да ги решиме сите. Во моментов имаме и наплив на нови. Направиме комплетна внатрешна реорганизација. За таа цел, по неколку саботи во месецот работиме за да се завршат сите предмети и да нема застој“,
рече Живковски.
Во Агенцијата, како што вели директорот, има наплив на предмети за коридорите 8 и 10, за експропријациите коишто се однесуваат на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Предметите, додаде дека веднаш се решаваат за да нема застој и проектите да течат согласно предвиденото од страна на државата.