Мицкоски денеска не откри кој е негов личен фаворит за оваа висока функција, но потврди дека еден од условите за поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и Владата е задржувањето и бранењето на фиксниот курс на денарот
Поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески, како и актуелната гувернерка Ангеловска-Бежоска и Маја Кадиевска-Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС и Надзорниот одбор во Стопанска банка Битола, се споменуваат во јавноста како најсериозни кандидати за иден гувернер на Народната банка
Името на фаворитот на владејачкото мнозинство за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија ќе биде познато в понеделник (19 мај), а веќе следниот ден треба да се најде пред пратениците во Собранието, кои ќе гласаат за неговиот избор.

Ова денеска, одговарајќи на новинарски прашања, го најави премиерот Христијан Мицкоски, но не кажа кого ќе поддржат како партија.
Премиерот кажа дека на оваа тема во понеделникот разговарал со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и, како што додаде, очекува тие разговори да продолжат и до крајот на оваа недела да биде јасна позицијата на власта.
Рече дека разговарал и со претседателот на Собранието Африм Гаши изборот на гувернер на Народната банка да биде ставен како точка на дневниот ред на седницата закажана за 20 мај.
„Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието. На 20 мај има седница. Разговарав и со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20 мај, така што рокот ќе биде испочитуван“,
изјави денеска Мицкоски.
Инаку, рокот кој премиерот вели дека ќе биде испочитуван се однесува на 21 мај кога завршува мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.
Одговарајќи на новинарско прашање кој е негов фаворит, премиерот вели дека тоа не е битно, притоа посочувајќи дека она што може да го каже како премиер е дека сите кандидати коишто се разгледуваат се вонсерски, искусни и кандидати коишто е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност на државата.
Децедино „да“, беше кусиот одговор на премиерот на прашањето дали еден од условите од кои зависи поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата е стриктното бранење на фиксниот курс на денарот, како еден од базичните макроекономски постулати.

Во меѓувреме во јавноста се споменуваат неколку имиња кои се посочуваат како главни кандидати за високата функција. Според анализата што неодамна ја објави ТВ Сител, се споменуваат поранешните министри за финансии, Зоран Ставрески и Трајко Славески, кој е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје.
Ставрески својата кариера ја почнал токму во Народната банка, а потоа станал државен секретар, па министер за финансии и вицепремиер за економски прашања. Сè до 2016 година. Во неговата биографија е наведен и неговиот ангажман во Светската банка.
Неговиот претходник на местото министер за финансии Трајко Славески, исто така е едно од посериозните имиња за прв човек на Народната банка. Тој е долгогодишен професор на Економскиот факултет во Скопје и актуелен претседател на Советот на Град Скопје.
Покрај Ставрески и Славески, потенцијални кандидати за иден гувернер се и актуелната Ангеловска-Бежоска и Маја Кадиевска-Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС и Надзорниот одбор во Стопанска банка Битола.
Процесот за избор на нов гувернер е во надлежност на претседателот на државата и на Собранието.
Според Законот за Народната банка, мандатот на гувернерот трае седум години и има право на уште еден реизбор.
Доколку не се избере нов гувернер во Собранието, за што требаат 61 глас, функцијата продолжува да ја врши актуелниот, сè додека не се назначи негов наследник.