За да се постави фотоволтаици потребно е подготвување на основен проект со две фази – архитектура и електрика, како и поднесување на известување до општината преку која граѓанинот ја информира општината дека пристапува кон поставување на енергетски објект на својот кров
Имаме најупростена постапка од неколку чекори за поставување фотоволтаици на крововите на домаќинствата, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој денеска беше во Богданци од каде започна кампањата за промоција на новите процедури за поставување фотонапонски електроцентрали со кои постапката, како што наведуваат од Министерството за транспорт и врски, се намалува од 30 на само еден ден.
„Ова е најупростена постапка за поставување на фотоволтаици која содржи само неколку чекори а тоа е: Подготвување на основен проект со две фази и тоа со архитектура и електрика, како и поднесување на известување до општината преку која граѓанинот ја информира општината дека пристапува кон поставување на енергетски објект на својот кров. Како држава сме подготвени да му помогнеме на електро-енергетскиот систем на државата, но и да си помогнеме самите себе и да придонесеме за плаќање на помали сметки за електрична енергија. Ова е почеток на оваа промоција и ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани да постават фотоволтаици и да влијаат врз намалување на електричната енергија“,
изјави министерот Благој Бочварски.
Од Министерството за транспорт и врски, најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со промоција на новите поедноставени процедури и во другите општини низ државата.