Тој рече и оти Владата континуирано работи на одржливо решение за продолжување на европскиот пат и дека протоколите не се дел од преговарачката рамка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција изјави оти дека комуникацијата со земјите членки на Европската Унија, европските институции и со Бугарија е постојана, но оти деталите од разговорите намерно не се изнесуваат во јавноста за да не се загрози процесот бидејќи јавните преговори не би довеле до посакуваното решение.

Муцунски во одговор на новинарско прашање рече дека Македонија нема да прави никакви отстапки поврзани со историјата и македонскиот идентитет и додаде дека едно е да се почитуваат меѓународните обврски, а сосема друго е кога билатералните прашања се злоупотребуваат за неправедно блокирање на европскиот пат врз основа на субјективни гледишта.
„Има билатерални обврски кои не се само од политичка природа, туку се и од економска и социјална природа и кои имаме обврска да ги почитуваме според правилата на меѓународното јавно право. Но, друго е прашањето кога некој го користи контекстот на билатерални договори за неправедно да блокира“,
изјави тој.
Муцунски вели оти протоколите не се дел од преговарачката рамка и дека во целост се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка, нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени и кажа дека од правна и номотехничка гледна точка постои суштинска разлика помеѓу тоа што се наведува во заклучоците на Советот на Европската Унија и преговарачката рамка, во споредба на тоа што е содржина на вториот Протокол.
„Ние немаме алтернатива освен да бараме решение. Но, ја уверувам македонската јавност дека решението, кое и да биде, ќе биде во рамки на принципите и постулатите што Владата јавно ги има кажано и претставено. А дали работиме на решение? Секако. И не сме престанале да работиме на изнаоѓање праведно и одржливо решение во последните години. Јас мислам дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што можеме да го претставиме пред јавноста. И дури за нешто да не се согласат сите страни вклучени во кој било процес, тогаш имате само разговори. Во овој момент не би сакал да се претворам во рецензент на прашањето дали сме блиску или далеку од решение“,
кажа Муцунски.
Во однос на нон-пејперите кои се појавија во текот на минатите месеци, Муцунски вели оти во Европската Унија веќе се водат интензивни дебати за политиката на проширувањето оти досегашниот систем е оценет како застарен модел кој бара сериозни модификации, особено по руската инвазија врз Украина, момент кој го наметна проширувањето како еден од приоритетите на Европската унија.
