Буџетот е стабилен и се работи на шести пакет мерки, вели премиерот
Има пари во буџетот за реализација на петтиот пакет антикризни мерки, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Коментирајќи ги наводите на опозицијата по вчерашната неуспешна седница за донесување на петтиот пакет, Заев посочи на еврообврзницата од 700 милиони евра и нагласи дека буџетот е стабилен. Според премиерот, има добра наплата и во Управата за јавни приходи и во Царината.
„Финансиски сме целосно подготвени. Само во март имаме 28,6 проценти поголема наплата на царината, на акцизата и на данокот на додадена вредност од март 2020 година. Првите 10 дена имаме 150 отсто наплата, поточно повеќе од 50 проценти наплата и во УЈП и во Царина. Податоците ги имам до 8 април и за целиот квартал и во Царина и во УЈП имаме 2 милијарди и 800 милиони денари повеќе наплатено во споредба со 2020 година. Само во осумте дена од април имаме една милијарда и 180 милиони денари повеќе наплата, во споредба со осумте дена од април 2020 година од Царина“,
истакна Заев.
Тој најави дека се работи на шестиот пакет мерки, кој ќе биде насочен кон угостителскиот сектор кој поради рестриктивните мерки не работи во овој период.
Во однос на вчерашните случувања во парламентот, Заев упати одговори да се бараат кај претседателот на парламентот, замениците и координаторите на пратеничките групи. Рече дека тој не ги знае сите детали, затоа што е фокусиран на владината агенда.