Според системот „eVisitor“, во Хрватска моментално има околу 125 илјади туристи, од кои 110 илјади се од странство
Хрватските патишта кон Јадранското Море и граничните премини денеска се соочија со огромен сообраќаен метеж, со колони возила и до 10 километри на обиколницата околу Загреб, каде што за само четири часа поминале 15 000 возила.
Според системот „eVisitor“, во Хрватска моментално има околу 125 илјади туристи, од кои 110 илјади се од странство. Најмногу туристи во моментот има на Истра – 51 илјади, на Кварнер има 22 илјади, а во окрузите Сплит и Задар околу 15 илјади туристи, пренесува Н1 од Загреб.

Најмногу странски гости пристигнале од Германија – 55 илјади од нив, потоа од Австрија – 16 илјади, Полска, Словенија и Чешка. Во споредба со истиот период минатата година, во Хрватска денес има три пати повеќе туристи, но сепак половина помалку отколку во 2019 година.
Само денеска влегле повеќе од 12 000 луѓе
„Можеме да кажеме дека има нормализација на сообраќајот. Можеме да кажеме дека над 12 илјади луѓе влегоа во Хрватска денеска и дека ова е значително зголемување во споредба со минатата година. Тие доаѓаат претежно од соседните земји: Словенија, Италија, Германија, Австрија… “,
изјави за РТЛ раководителот на смена на граничниот премин Брегана (кон Словенија).
Тој потврди дека некои странски туристи веќе доаѓаат со ковид-пасоши.
„Имавме случаи кога некои земји користат потврда за ковид. Ова значително го забрзува нашиот процес“,
рече тој и додаде дека во Хрватска сè уште може да се влезе со еден од трите документи – PCR или тест за антиген (PCR тестот не смее да биде постар од 72 часа, а антигенот не смее да биде постар од 48 часа), потврда за вакцинација или потврда за прележан ковид.