Две од осомничените финансиски ѝ помагале на осомничената трудница, ѝ организирале гинеколошки прегледи во Скопје и Куманово и ја запознале со брачен пар кој требало незаконски да го посвои бебето. По породувањето, сопружниците ја однеле на нотар каде што потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, по што ѝ исплатиле 4 000 евра
Пет лица се под истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поради сомнение за сторено кривично дело трговија со дете. Меѓу осомничените е и мајката на детето.

Според наводите на Обвинителството, случајот започнал кон средината на минатата година кога две од осомничените и непознато машко лице, по претходен договор со осомничената мајка на детето, кое во моментот го носела во утробата, презеле дејствија за незаконито посвојување на новороденчето за сума од околу 5 000 евра.
Двете осомничени, од кои едната била евидентирана како згрижувач на деца, во повеќе наврати финансиски ѝ помагале на осомничената трудница, која инаку била во тешка финансиска состојба, носејќи го своето седмо дете. На трудницата ѝ исплаќале од 250 до 270 евра за месечни трошоци и ѝ организирале гинеколошки прегледи во Скопје и Куманово за да ја следат состојбата на бебето.
Паралено на ова, ја запознале со осомничениот брачен пар кој требало незаконски да го посвои бебето.
„По породувањето, брачниот пар ја однел на нотар каде што потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4 000 евра“,
додаваат од Обвинителството.
Кога побарала да ѝ го вратат детето, првоосомничениот ја одбил, ја понудил со уште 1 000 евра, посочувајќи ѝ дека со потпишаната изјава на нотар таа веќе се откажала од детето.
„Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на ОЈО ГОКК на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи мерки кои судот ги прифати и определи мерка притвор за првоосомничениот и родилката, додека на останатите три лица им определи мерка куќен притвор“,
информираат од ОЈО ГОКК.