Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека размислувањата во партијата, за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет, се на референдумот да се побара престанок на важноста на Договор за Пријателство, Добрососедство, и Соработка помеѓу Бугарија и Македонија, склучен 2017 година, со кој како што рече се поставени фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија
Денеска доцна попладне ВМРО-ДПМНЕ закажа седница на Извршниот комитет на партијата на која ќе се носи одлука во однос на предлогот за референдумско изјаснување за пакетот услови кои станаа дел од преговарачката рамка за влез на С Македонија во Европската Унија, меѓу кои се и уставните измени побарани од Бугарија.
Ова денеска, одговарајќи на новинарско прашање, го соопшти портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Претседателот Мицкоски отвори процес на широки консултации, беа консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, како и широки консултации со академската јавност и коалиционите партии за што доби и поддршка за самата иницијатива“,
рече Митева.
Она што за ВМРО-ДПМНЕ е пречка, како што наведе портпаролката на најголемата опозициска партија, е членот 5 од преговарачка рамка, кој се потпира на протоколот кој, според партијата, ги содржи сите спорни делови од Договорот за Пријателство, Добрососедство, и Соработка помеѓу Бугарија и Македонија, а кој беше склучен во 2017 година од тогашните премиери на двете држави Зоран Заев и Бојко Борисов.
„Оттука изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој договор кој поставува фундамент на бугарските позиции од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. ВМРО-ДПМНЕ мораме да потенцираме дека не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо за бугарските барања, тоа е промената на историјата, идентитетот, јазикот и културата. Токму затоа размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ, а за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет се на референдумот да се побара престанок на важноста на овој договор со кој ќе се постават фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија“,
истакна Митева.
Како што појасни таа, до таквиот референдум би се дошло преку собирање на граѓански потписи, а на иницијативата први потписи ќе стават од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. По собирањето на квалификуваните најмалку потребни 100 потписи, ќе се пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓаните.
Од опозицијата апелираат власта да не го опструира овој процес и додаваат дека „како гаранција дека уставните измени нема да се случат остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.