Изминатата недела ИЈЗ регистрира зголемен број на новозаразени со коронвирус и на починати како последица на ковид-19
Скопје, Куманово и Кочани се наоѓаат во ризик од широко-распространета трансмисија во заедницата (фаза 4), Тетово, Струмица, Прилеп и Гостивар се во ризик од локализирана трансмисија (фаза 3), додека останатиот дел од земјата е со спорадични случаи (или фаза 2).
Ваква е проценката на Светската здравствена организација за ситуацијата со ковид-19 во нашата земја, за изминатата недела од 14 до 20 септември.

Таа е содржана во редовниот неделен извештај што го подготвува Институтот за јавно здравје. Според, статистиката, оваа недела сe регистрирани 951 новозарaзени во 29 града од спроведени 9 661 теста, што е пораст на заболените за 34,9 проценти од претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но и натаму најголем број се на возраст над 60 години.
Она што е специфично е дека како втора најзагрозна возрасна група избива онаа меѓу 30 и 39 години, додека најмала инциденца од 256,5 и 324,1 на 100 000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години.

Од почетокот на пандемијата заклучно со 20 септември, највисок број на пријавени случаи на дневно ниво е регистриран на 17.07.2020.

Пикот, пак, е достигнат во 28-мата недела, кога имало 1 074 новозаболени.

Смртност
Досега како последица (и компликации ) од ковид-19 починале 701 лице. Според датумот, 19.06 и 27.06 се деновите со најцрн биланс, додека според неделата на пријавување тоа е 25-тата недела од почетокот на пандемијата, најголем број на возраст над 60 години.

Изминатата недела пријавени се 48 смртни случаи од 17 градови што е зголемување од 77,8% во однос на минатата недела.
Она што е карктеристично за оваа недела е што три нив се лица од 20-29. Дури 42 лица од вкупно починатие биле хоспитализирани, а 35 имале други болести.