Барањето Северна Македонија да се откаже од постоењето етнички Македонци што живеат во Бугарија е „врв на ледениот брег“, анализира Институтот за блискоисточни и балкански студии
Сегашните бугарски власти сакаат да го „заверат“ идентитетот на Македонците и македонскиот јазик, така што пласираат неверодостојни податоци дека Македонците се со бугарско потекло и дека Северна Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени. Не може да се замисли дека во 21 век, државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот македонски народ, коментира Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС од Љубљана.
„Србите и Црногорците, два претежно православни народи, кои се поблиски по идентитетот и јазикот од Бугарите и Македонците, не се оспоруваат меѓусебно за етничката припадност, националниот идентитет и јазикот. Барањето на Бугарија Северна Македонија да се откаже од постоењето етнички Македонци што живеат во Бугарија е „врв на ледениот брег“, затоа што Бугарија прикрива и врши силен притисок врз етничките Македонци во Бугарија да се декларираат како Бугари“,
се наведува во анализата на ИФИМЕС, насловена „Бугарско ‘сертифицирање’ на идентитетот на Македонците и на македонскиот јазик“.
Понатаму, се наведува дека бројот на етнички Македонци што живеат во Бугарија е околу 10 проценти од вкупното население на Бугарија, која, како што се посочува, има децениско докажано искуство во прикривање на бројот на етнички малцинства. Тоа, се посочува, особено се однесуваше на Турците во Бугарија и нивната присилна асимилација преку промена на идентитетот и името и силниот притисок да се изјаснат како етнички Бугари.
„Бугарскиот и македонскиот се два различни јазика, кои мора да бидат преведени во меѓусебна комуникација, за разлика од српскиот и хрватскиот јазик, за чие разбирање не е потребен превод во комуникацијата. Сите овие јазици спаѓаат во индоевропската група на јазици и не би било изненадувачки за Бугарија да започне процес на ‘сертифицирање’ на индоевропските јазици“,
се нагласува во анализата на ИФИМЕС.
Аналитичарите сметаат дека ако Бугарија навистина има чувство на припадност и посветеност кон ЕУ, треба да работи на афирмација на Македонците што живеат во Бугарија. Сè друго, како што нагласува ИФИМЕС, го покренува прашањето што прави Бугарија во ЕУ, во Советот на Европа и во другите меѓународни организации, кои ги застапуваат и кодифицираат правата на етничките малцинства како еден од столбовите и основните вредности на современите општества.