Двајцата скопски советници (Пановски и Крстевска) од двете партии кои се дел од парламентарното мнозинство денеска гласаа исто како и опозициските партии на централно ниво (ВМРО-ДПМНЕ, АА/А и Левица) при изборот на претседавач на Градскиот совет
ЛДП и ДОМ уверуваат дека ќе бидат во опозиција во град Скопје, и покрај тоа што двајцата нивни градски советници денеска дадоа поддршка за изборот на Трајко Славески, носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, за претседавач на Советот.
„ЛДП и ДОМ остануваат опозиција во град Скопје“,
напиша на Фејсбук претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
Советничката во Скопје од листата на ДОМ, Теодора Крстевска, пак, објави дека го поддржале Славески во интерес на конструктивната работа на Советот и затоа што е докажан професионалец и човек со интегритет .
„Како независен советник од опозицијата, очекувам дека ќе го води советот доблесно и чесно, вклучувајќи ги сите советници, независно дали се мнозинство или опозиција, а одлуките без исклучок ќе ги носи во интерес на граѓаните“,
наведува Крстевска.
Советот на Скопје брои 45 члена, од кои двајца се од колаицијата „Одлучно за промени“, што ја формираа ЛДП и ДОМ, кои, на неодамнешните локални избори, настапуваа одвоено од СДСМ, и покрај колаицијата со социјалдемократите на централно ниво.
По вториот круг од локалните избори, ЛДП и ДОМ, на средбите што ги организираше премиерот Зоран Заев со коалициските партии, настапија со став дека остануваат ддел од парламентарното мнозинство, што и се потврди во екот на случувањата околу иницијативата на опозицијата за изгласување недоверба.
Другиот советник од листата на „Одлучно за промени“ е познатиот микробиолог – Никола Пановски од ЛДП, кој беше носител на листата на коалицијата за Скопје.
За разлика од овој пат, кога решија отворено да го поддржат Славески, ЛДП и ДОМ, пред вториот круг од локалните избори, објавија дека остануваат дел од мнозинството, ама дека јавно нема да дадат поддршка за ниту еден од кандидатите што останаа во второто полувреме, бидејќи, како што посочија, нивните гласачи се доволно паметни да одлучат за кого да гласаат, па нема потреба да ги насочуваат.
Инаку, ЛДП е долгогодишен коалициски партнер на социјалдемократите, со кои, исто така, со години наназад настапуваше во коалиција, со исклучок на една „пауза“ на парламентарните избори во 2011 година. Тогаш, самостојниот изборен настап ги чинеше либералдемократите вонпарламентарно дејствување се до следните парламентарни избори во 2014 година, кога се вратија во коалиција со СДСМ. ЛДП сега има двајца пратеници во Собранието.
ДОМ, пак, е во коалиција со СДСМ од парламентарните избори во 2016 година, откако оваа партија, формирана во 2006 година, ја нпушти претходно владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за време на големата политичка криза во земјава. Морачанин сега е единствена пратеничка на ДОМ.
Професорот од Економскиот факултет во Скопје, Трајко Славески, поранешен министер за финансии, во првата влада на Никола Груевски, кој во тоа време беше и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска беше избран за претседавач со Советот на Скопје, со 26 гласа „за“, односно доби поддршка од 18 советници на ВМРО-ДПМНЕ, четворицата од Левица, двајцата од Алијанса за Албанците и Алтернатива и двајцата од коалицијата „ на ЛДП и ДОМ. За изборот на Славески не гласаа советниците од СДСМ (12), ДУИ (5) и Зелен Хуман Град (2).
Претходно, меѓу двата изборни круга, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека мнозинството во скопскиот Совет ќе брои 24 члена.