Според Занаетчиската комора на Скопје, поради кризата предизвикана од пандемијата во прашање се доведени околу 9 000 работни места
Без помош од државата поради намалената побарувачка на услугите од пандемијата се доведува во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5 800 занаетчии и 3 300 други вработени во оваа дејност, апелираше денеска претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров.
Предлагаат во мерката за субвенционирање на плати да бидат вклучени и занаетчиите, а ослободувањето од аконтација на данок на личен доход додека трае кризата да се однесува и за занаетчиите кои паушално плаќаат данок по решение од Управата за јавни приходи и занаетчиите кои плаќаат данок од реално остварен приход се додека трае кризата со пандемијата во занаетчискиот сектор.
Исто така, од Комората бараат да се најде можност и занаетчиите да аплицираат за кредити преку Развојната банка за да останат ликвидни затоа што моментно занаетчиите регистрирани согласно законот за занаетчиство не се предвидено како организациска форма да аплицираат за кредити.
Според Петров, занаетчиите не се опфатени во ниту една мерка донесена од Владата и досега не добиле одговор за предлозите што ги упатиле за помош.
„Мерките кои се предлагаат деновиве, а кои се на разгледување опфаќаат субвенција на минимална плата за вработени, а придонесите остануваат на товар на работодавачот. Проблем се јавува кај занаетчиите кои вршат дејност самостојно, самовработени лица, затоа што немаат обврска да исплаќаат плата за себе туку да плаќаат придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и дополнителен придонес за задолжително осигурување. Доколку се донесе мерката за субвенција на плата, а обврската за исплата на придонеси додека трае пандемијата падне на товар на работодавачот, околу 5 800 занаетчии нема да бидат опфатени со мерката. Тие нема да бидат субвенционирани ниту со плата, ниту со придонеси“,
посочи Петров на денешната прес-конференција.
Доколку со мерката за субвенционирање на плати не се опфатат занаетчиите за време на кризниот период, предупредува Петров, постои голема можност за затворање на бизнисите и отпуштање на вработените.
Занаетчиската комора Скопје, како што рече, неколку пати апелирала до Владата и надлежните министерства за ситуацијата во секторот, затоа што добиваме многу барања од занаетчии за помош во овие тешки денови.
„Човек не влегува во дуќан со месеци. И побарувачката и продажбата на занаетчиските услуги е сведена на минимум. Тоа го чувствуваат занаетчиите од сите дејности: фризери, козметичари, вратари, бравари, градежници столари, цвеќари, пекари, слаткари, леблебеџии, чевлари… Апелираме до Владата да не изгубиме ниту еден занаетчија и ниту едно работно место во занаетчискиот сектор затоа што секој занаетчија придонесува за намалување на невработеноста и за егзистенција на своето семејство и своите вработени, плаќа даноци, придонеси и е бизнис како и секој друг.Во спротивно, тешко ќе ги вратиме, ќе одлетаат некаде каде што сега после ова многу ќе ги бараат. Ова еднаш ќе заврши, а сите занаетчии ќе си го бараат чарето“,
рече Петров.