„По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити“, соопштија од Јавното обвинителство
Според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, „360 степени“ утврди дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат ниту да спроведе курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ во 2022 година од кога датираат документите на Бојан Христовски
По Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пред неколку месеци и Основното јавно обвинителство Скопје сега не најде ништо спорно со ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англиски јазик на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

Последицата е иста, а единствената разлика е што антиокорупционерите се прогласија за ненадлежни, а надлежното Основното јавно обвинителство, по неколку месечни проверки, во кои бил вклучен и инструментот за меѓународна правна помош, донел решение со кое ги отфрлил кривичните пријави што анонимно беа поднесени против Христовски, а се однесуваа на фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина.
За исходот од проверките денеска информираше Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку подолго соопштение во кое ги објаснува постапките што ги презел јавниот обвинител во случајот.
Заклучокот е дека Христовски не направил лажна исправа со намера да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити.
„По целосно спроведена постапка и извршени проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела – Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина“,
соопштија денеска од Обвинителството.
Два сертификата
Aко се чита внимателно соопштението на Обвинителството, при апелицирањето за директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг – Скопје“, за асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како доказ за познавање на англискиот јазик Христовски приложувал два документи. Еден е сертификат, од училиште за странски јазици Julia Co. LTD од 23 март 2022 година за курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ и друг за положен испит ТОЕФЛ ИБТ (TOEFL IBT) од 26 март 2022 година со освоени 75 поени.
Полагањето Христовски го извршил од дома преку преку ETS – Сервисот за едукација и тестирање и тој, а сертификатот ТОЕФЛ ИБТ со датум од 26 март 2022 како што наведуваат од Обвинителството, по форма и по содржина се разликува од сертификатите коишто биле доставени во прилог на кривичната пријава против Христовски, а во кои стои дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD.
Сомневањата беа дека Христовски при аплицирање за директорските и акедемиските позиции користел уверение за познавање англиски јазик од Language School Julia CO.LTD, Пловдив, Бугарија. Во поднесените пријави било наведено дека овој центар не спроведувал тестирање за TOEFL iBT, ниту пак издавал меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.
„По извршениот увид во целосната документација од сите институции каде аплицирал пријавениот се констатира дека меѓу останатите документи тој приложувал Сертификат од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот TOEFL, но и Сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ETS визуелно, по форма и содржина се разликува од сертификатите коишто се доставени во прилог кон кривичната пријава, а во кои стои дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD. Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ETS – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за TOEFL-сертификати, при што согласно прирачникот за спроведување на TOEFL ibt тестирање за 2022-2023 година евидентно е дека во тој период постоела можноста тестирањето за TOEFL ibt сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист со оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што TOELF ibt домашно издание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето коешто го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.

Но, во биографијата за Христовски што беше објавена во Билтенот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ со извештајот од рецензентската комисија откако тој конкурира на Конкурсот за избор на асистент на Факултетот за безбедност во Скопје, меѓу другото пишува:
„Има приложено уверение за познавање на англиски јазик TOEFL iBT со 75 бода од 26.03.2022 година, Language Shool Julia CO.LTD, Пловдив Бугарија и уверение за активно познавање на програмата за канцелариско работење.“
Бугарското МВР не ја нашло сопственичката на „Јулија Ко. ЛТД“
Во делот од соопштението каде од Обвинителството информираат за постапката што се водела преку меѓународна правна помош со барање упатено до Бугарија за да прибави потребни податоци и докази за училиштето „Language School Julia CO.LTD“, односно дали ваква фирма е регистрирана во правниот промет, кој е управител, каква дејност врши, дали е сертифицирано како центар за полагање и издавање меѓународно признати сертификати за странски јазици, од бугарска страна не стигнал целосен одговор.
Според Обвинителството, во одговорот што го добиле, бугарското Министерство за внатрешни работи го нашло училиштето „Language School Julia CO.LTD“ во Трговскиот регистар, но не и сопственичката која подолг период се наоѓала надвор од Бугарија.
„Согласно одговорот од бугарските надлежни органи доставен во март 2025 година, по барањето за меѓународна правна помош во Бугарија постапувало Окружното јавно обвинителство Пловдив, кое по извршените проверки констатирало дека правниот субјект Language School Julia CO.LTD бил регистриран во Трговскиот регистар како „Джулија КО“ ООД и тоа за вршење повеќе дејности меѓу кои и преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи. Прибавени биле целосни податоци за управителот на правното лице и била упатена покана до неа да се јави во својство на сведок и да се изјасни за сите прашања од замолницата. Но, проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
По ова надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје ги продолжил проверките и ја прибавил документацијата од комплетното досие на Христовски од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје и по извршениот увид констатирал дека директорот на АНБ приложувал два документи – од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.3.2022 година – курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ, но и Сертификат за положен ТОЕФЛ ИБТ од 26.3.2022 година со освоени 75 поени, што го полагал од дома.
„По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагањe на TOEFL ibt тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD“,
велат од Обвинителството.
За Обвинителството Христовски е „чист“
Објаснувајќи дека согласно член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи, од Обвинителството велат дека оттука произлегува дека „дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот TOEFL издаден од Language School Julia CO.LTD, тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик“.
„Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела“,
заклучуваат од ОЈО Скопје.
Што кажа директорот на АНБ во интревју за „360 степени“
Кратко по неговото именувањето на Христовски за директор на АНБ и сите прашања и сомнежи што се отворија околу исполнувањето на условите и приложените документи, тој беше гостин во „360 степени“. Интервјуто беше емитувано на 26 октомври 2024 година на МРТ 1.
Во него тој не кажа дека испитот го полагал од дома, а на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, а не во Скопје, Христовски рече дека тоа бил најбрз начин како да дојде до таа диплома, велејќи дека во Пловдив имало „отворен термин за полагање“.
„360 степени“ објави серија стории во врска со проблематичниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни уставнови, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле докумнет со невистина содржина, односно ТОЕФЛ-сертификти токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го намеше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат ниту да спроведе курс за подготовка за испитот ТОЕФЛ во 2022 година од кога датираат документите на Бојан Христовски.
„360 степени“ дојде и до документот „Упатство за спроведување на фаза 1 – административна селекција во делот на проверка на поседување на меѓународно признати сертификати за познавање на еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија“ од декември 2019 г. на кој се повикуваше Христовски во интервјуто. Во документот на Агенцијата за администрација има листа на признаени тестови и испитни центри во земјава и регионот.
Го има и Пловдив, но единствениот овластен испитен центар е друго правно лице кое нема никаква врска со „Јулија Ко.“. Станува збор за приватното училиште „Класик“.
Сертификатот на Бојан Христовски го разгледуваше и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но се прогласи за ненадлежна за утврдување на неговата веродостојност.
Образложувајќи ја ваквата одлука, претсдателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска во телевизиско гостување рече дека ДКСК не е истражен орган, ниту е орган на прогон, ниту располага со правни механизми за да ја потврди веродостојноста на ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.