Претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Фејсбук напиша дека партијата има одлука на претстојните парламентарни избори да оди сама. Го обвини актуелниот претседател Арбен Таравари дека има шверцерски тенденции и вели дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
„Поединецот, во овој случај претседателот на партијата, не е орган на одлучување, тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците ќе се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското собрание. Шверцерските тенденции врз партијата за сметка на не знам кој преку фејсбук-статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи“,
напиша Села.
Села вели дека како претседател на Централното собрание на Алијансата за Албанците не е информиран за никаква понуда за коалиција со друга политичка партија.
„Од средбите што неодамна ги остварив со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така, информиран сум дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на што треба да се одлучи… Обидите да се објасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на претседателот на партијата како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците“,
напиша Села.
Инаку, ставот на Села е продолжение на денешната фејсбук-преписка на партиските функционери на Алијанса за Албанците. Доцна попладнево лидерот Арбен Таравари на Фејсбук го повика партиското собрание да го поддржи во намерата партијата да влезе во изборната трка со опозициските партии на Албанците. Веднаш по него на Фејсбук се огласи генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога, кој вели дека веќе е донесена одлука за самостоен настап на изборите.