„ВМРО ДПМНЕ со огромно мнозинство во парламентот има токму таква можност да се обиде да ги спроведе реформите коишто ќе ја вратат довербата во судството меѓу граѓаните, а не да прави половични решенија коишто не покажуваат ништо друго, освен нивна интенција дека на тие места треба да дојдат нивни партиски послушници“, вели заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Според вас, исполнете ли се законските услови за отворање процедура за предвремено разрешување на Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител? Тој беше избран пред една година од мнозинството на СДСМ и ДУИ.
Каранфилова-Пановска: Видете вака, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен упад во независната судска власт, иако сакаат тоа да го подведат под превезот дека се прават реформи. Во делот на постапката за разрешување на државниот обвинител…
360°: Велат дека Обвинителството не е доволно активно и не отвора истраги за случаите во кои има корупција.
Каранфилова-Пановска: Апсолутно, и СДСМ не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител. Јавниот обвинител не постапи по ова што се случи со Артан Груби, јавниот обвинител не постапи по тоа што се случи со назначувањето на Бојан Христовски во Агенцијата за национална безбедност и проблемите со сертификатите и со дипломите, Јавното обвинителство не постапи по еден куп пречекорувања врзани со премините на границата и така натаму, каде што очекувавме дека ќе треба да има реакција.
360°: Има отворени предмети за тие случаи.
Каранфилова-Пановска: Ама нема, не гледаме некакво ефикасно делување. Сакам да кажам, без разлика дали ние како СДСМ сме задоволни или не од работата на конкретниот јавен обвинител, тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е упад, а не реформа. Граѓаните имаат недоверба кон целиот правосуден систем. ВМРО-ДПМНЕ со огромно мнозинство во парламентот има токму таква можност да се обиде да ги спроведе реформите коишто ќе ја вратат довербата во судството меѓу граѓаните, а не да прави вакви половични решенија коишто не покажуваат ништо друго, освен нивна интенција дека на тие места треба да дојдат нивни партиски послушници. Кога сме кај постапката за разрешување на јавниот обвинител, таа е многу децидно и темелно опишана во Законот за јавно обвинителство, во којшто апсолутно се кажува дека на предлогот на владата, согласност треба да даде самиот Совет за јавни обвинители. Да видиме дали прво во делот на постапката ќе биде испочитуван законот. Потоа вели, разрешувањето на јавниот обвинител може да се случи доколку тој е член на политичка партија или има направено тешка дисциплинска повреда – која е таа тешка дисциплинска повреда. Така што, видете, во делот на Судскиот совет, исто, вие влегувате во операција да правите интерпелација на членовите на Судскиот совет коишто се избрани од Собранието, во ситуација кога во самата Реформска агенда… Значи, ние за реформите во правосудството имаме препораки од Оценската мисија на Европската Унија. Имаме препораки коишто произлегуваат од скрининг-извештајот за поглавјето 23. Имаме наша нова национална стратегија за реформи во судскиот сектор 2024-2028, ова е се резултат на работењето на владата на СДСМ. Но, последното – Реформската агенда поврзана со Планот за раст, којашто иако во 99% беше изготвена од владата на СДСМ, примерот Мицкоски, владата на ВМРО-ДПМНЕ беше таа којашто ја потпиша и за којашто ние како држава треба да добиеме над 700 милиони евра. Секоја од реформите во таа реформска агенда има етикета, односно има цена, колку чини. Една од реформите предвидена како чекор во Реформската агенда е носење на нов закон за Судскиот совет. Тоа треба да се случи до јуни оваа година. Прашањето е – во препораките на Оценската мисија прецизно стои дека именувањето на членовите на Судскиот совет треба да бидат согласно, треба да се промени начинот којшто се именуваат и тоа треба да се направи со измена на законот. Е сега, ако ние треба да го смениме законот за да го реформираме начинот на којшто се именуваат членовите на Судскиот совет, и ако тоа се одредници од Европската Унија, зошто сега ќе ги менуваме овие членови или Собранието ќе носи интерпелација, а на нивна совест ќе биде дали ќе се повлечат од Судскиот совет, пред да направиме измени на законот. Ајде да го промениме Законот за Судски совет согласно овие препораки, па потоа да влеземе во постапка на промена. Само така, само ако се работи конзистентно, согласно тоа што вели законот и правните акти, ние може да велиме дека работиме за да ја вратиме довербата во правосудството.
360°: Од власта велат дека треба комплементарно да се гледа на сите овие чекори коишто тие ги преземаат. Еве, во делот на интерпелација на членовите на Судскиот совет, не значи по автоматизам и нивно заминување, апел до нивната совест.
Каранфилова-Пановска: Ама упад е. Тоа е упад во правосудниот систем. Зошто вие сега има потреба како Собрание среде некаков процес, ако правите реформи тоа не се процеси со коишто со ад-хок решение правите дисторзија на процесот. Ако сте се нафатиле да правите реформи во правосудниот систем во конкретниот случај, тоа е нешто што има утврдени чекори, план, стратегија согласно коишто треба да постапувате. Ако вие во таквата стратегија којашто не гледам дека ВМРО-ДПМНЕ ниту ја констатира, ниту па некако ја третира, влегувате со ад-хок упади за измени, тоа нема како поинаку да го кажеме, освен како упад во независноста на судството и замена на сегашните членови со некои коишто ќе бидат партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ.