Во говорите пред РТС беше прочитан список на работи, за кои демонтрантите тврдат дека националниот сервис не ги објавил за изборите и изборните нерегуларности
Пред зградата на српската национална телевизија, Радио-телевизија на Србија (РТС) заврши протестот на опозициската коалиција „Србија против насилство“ поради, како што наведуваат демонтрантите, украдените гласови на декемвриските избори во Србија.
Протестот започна во 18 часот пред Уставниот суд во Белград.

Оттаму граѓаните пеш се упатија до зградата на Радио-телевизија на Србија, од каде „Србија против насилство“ бараше телевизијата да известува за „докажана изборна кражба и нарушување на волјата на народот“.
Во говорите пред РТС беше прочитан список на работи, за кои демонтрантите тврдат дека националната телевизија не ги објавила за изборите и изборните нерегуларности.
Срѓан Миливојевиќ од Демократската партија рече дека претседателот и премиерот на Србија, како и сите од Српската напредна странка знаат дека изборите се украдени.
„Тоа го знае и РТС, но не смее да го објави“,
изјави Миливојевиќ.
Го повтори барањето да се поништат изборите и рече дека за ова нема да имаат компромис.
Му порача на претседателот Вучиќ дека е крадец, кој краде се што ќе види.
Протестите на српската опозиција започнаа на 18 декември, откако матичната партија на претседателот Александар Вучиќ, СНС, ден претходно прогласи целосна победа на изборите, за кои опозицијата тврди оти се украдени од власта.
Покрај републичките и покраинските избори, на 17 декември се одржаа и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.