Во кризна состојба, според членот 33 од законот што ја регулира оваа проблематика, може да се користат и ресурсите на трговските друштва, за што дневниот надоместок изнесува до 30% од просечната месечна нето-плата по работник во земјава. Предвидена е и можност за откажување од надоместокот за употреба на ресурсите
Со прогласување на кризната состојба од 30 дена во земјава, државата ќе може да ги користи и услугите на приватни здравствени установи, а за тоа ќе ги обесштетува согласно Законот за кризна состојба.
Шефот на државата Стево Пендаровски рече дека не станува збор за национализација на приватните здравствени установи, туку државата би била во улога на менаџер додека трае кризната состојба.
„Евентуално управување со нив за време на пандемијата, со обем во кој Владата ќе оцени дека тоа е неопходно. Инаку, знаете дека приватната сопственост е гарантирана со Устав и затоа не станува збор за национализација или за некакво менување на сопственоста. За сите услуги што приватните здравствени установи ќе ги даваат, за тоа ќе има обесштетување, односно ќе се компензира таа здравствена установа. Државата ќе се јави во улога на менаџер во овие 30 дена“,
рече Пендаровски.
Во членот 33 од Законот се вели дека во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установите и службите, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, но можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и на други правни лица.
Надоместокот, пак, за користењето на овие услуги од приватните здравствени установи е регулиран во членот 33 став 3 кој вели:
„Дневниот надоместок за користење на ресурсите од ставовите 1 и 2 на овој член изнесува до 30% од просечната месечна нето-плата по работник во Републиката објавена од Државниот завод за статистика во месецот пред давањето на ресурсите.“

Според груби проценки, тоа би значел дека на една приватна установа би ѝ бил платен надомест од околу 240 илјади денари или околу 4 илјади евра за 30 дена, доколку се има предвид приближната висина на просечната плата во земјава. Односно дневниот надомест би изнесувал околу 8 илјади денари.
Сепак, прашање е дали надоместокот за евентуално користење на ресурсите на приватните болници би изнесувал само толку, со оглед на тоа што членот 33 од Законот предвидува и донесување подзаконски акти за дорегулирање на ова прашање. Односно се посочува дека евиденција на ресурсите од ставовите 1 и 2 на членот 33 од Законот за кризна состојба води Центарот за управување со кризи. Владата, пак, донесува поблиски прописи за видот на ресурсите, за начинот на водење на евиденцијата, за висината на надоместокот за нивно користење, оштетување или уништување.
Ставот 6 од истиот член предвидува дека граѓаните, јавните претпријатија, трговските друштва и другите правни лица можат да се откажат од надоместокот за употреба на ресурсите по сопствено барање и со писмена изјава.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека следува критичен период и ќе бидат потребни дополнителни капацитети на болнички кревети и кадар и дека тоа ќе се надомести со капацитетите од приватните болници.
„На располагање ќе бидат и капацитетите на сите приватни болници, поликлиники, како и кадарот којшто работи таму. Со оглед на тоа дека ова првпат се случува, денеска ќе направиме проценка со сѐ што се располага и во таа смисла заеднички со нашите државни капацитети ќе направиме план за работа“,
рече Филипче.
Според него, целосно е мобилизиран кадарот во јавно-здравствените установи, согласно тоа во секој еден тим да има и интернист и анестезиолог, но сепак е можно да дојде до ситуација да бидат потребни дополнителни ресурси, како на болнички кревети така и на кадар.

„Имаме соодветен план, но тоа би значело дека во јавно-здравствените установи во еден момент ќе треба да се прекине со редовната работа, исто како што беше претходно и ќе се извршуваат само итни интервенции и третман на малигни пациенти“,
додаде тој.
Премиерот Зоран Заев очекува од граѓаните да ја почитуваат кризната состојба, бидејќи има значајна причина за таа да се прогласи.
„Кризната состојба му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот што го води Централниот кризен штаб, а се формираат локални кризни штабови од сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата со цел максимално да се искористат сите капацитети“,
рече Заев.