Ова е трет ваков случај во Грција откако новинарот Танасис Кукакис откри дека неговиот мобилен телефон бил хакиран со овој софтвер, а лидерот на ПАСОК – Движење на промена, Никос Андрулакис, на крајот на јули, исто како и Спирѕис сега, пријави обид за следење на неговиот мобилен телефон со „Предатор“
Пратеникот и поранешен министер од грчката опозициска партија СИРИЗА, Христос Спирѕис денеска до Врховниот суд на Грција достави пријава за обид за хакирање и следење на неговиот мобилен телефон со софтверот „Предатор“, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова е трет ваков случај во Грција откако новинарот Танасис Кукакис откри дека неговиот мобилен телефон бил хакиран со овој софтвер, а лидерот на ПАСОК – Движење на промена, Никос Андрулакис, на крајот на јули, исто како и Спирѕис сега, пријави обид за следење на неговиот мобилен телефон со „Предатор“.
Спирѕис рече дека во ноември 2021 година, кусо откако излегол со соопштение и доставил пратеничко прашање за следење на новинар и адвокат, според текст објавен во грчки весник, во рок од четири дена добил две СМС-пораки со сомнителни линкови.
Тој додаде дека ова покажува дека некои сакале да знаат со кои новинари и со кои граѓани разговара, но и да ги следат неговите разговори со претседателот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во врска со откритијата во медиумите од тој период, поврзани со Националната служба за разузнавање (ЕИП).
„Сакам да ве информирам и да нагласам дека втората порака е истата што им беше испратена на Танасис Кукакис и Никос Андрулакис. Што значи дека тие не биле изолирани случаи на следење. Ниту господинот Кукакис ниту господинот Андролакис. Трите пораки беа испратени од истиот болен, морбиден, антидемократски и нелегитимен центар. И овој центар е ЕИП Мицотакис, или директно или преку нивна наредба од трети страни. Поради оваа причина сакам да поставам јавни прашања. Господине Мицотакис, ги слушавте разговорите што ги имав со претседателот на СИРИЗА, Алексис Ципрас?“,
изјави Спирѕис.
По пријавата на пратеникот, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, преку писмо до претседателот на парламентот Константинос Тасулас достави барање за вонредно свикување на Специјалната постојана комисија за институции и транспарентност во парламентот „за случувањата во врска со следењата од страна на Националната служба за разузнавање“.
Портпаролот на грчката влада Јанис Иконому на почетокот на август изјави дека ниту владата, ниту грчките служби за безбедност го немаат набавено софтверот „Предатор“ ниту, пак, друг таков софтвер за следење и не ги користат конкретните софтвери. Портпаролот Иконому денеска кажа дека ниту владата, ниту грчките служби за безбедност го немаат набавено софтверот „Предатор“, ниту друг таков софтвер за следење и не ги користат конкретните софтвери.
За случајот со прислушувањето на лидерот на ПАСОК – Движење на промена (КИНАЛ), Иконому објасни дека станува збор за целосно законски процес, односно „законско следење“ по одобрување од обвинител, но управувањето од страна на Националната служба за разузнавање (ЕИП) било „погрешно и нецелосно, бидејќи беа потценети политичките димензии на случајот“.