Досегашниот директор на ЕСМ, со конкретен пример, посочи дека сега, за разлика од периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните плаќаат пониски сметки за струја, благодарение, како што вели, враќањето на дневната евтина тарифа
Цената на електричната енергија не се формира пред или по избори, тоа е лага на ВМРО-ДПМНЕ. Цената на струјата, според услови и критериуми, ја формира Регулаторната комисија за енергетика, која во сите сегменти на оценување беше прогласена за најдобра од страна на Европската енергетска заедница, порача вечерва Васко Ковачевски, досегашен директор на Електрани и член на Комисијата за енергетика на СДСМ.
Ковачевски, со конкретен пример, посочи дека сега, за разлика од периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните плаќаат пониски сметки за струја, благодарение, како што вели, на враќањето на дневната евтина тарифа.
„Ако просечно домаќинство троши околу 250 киловат часови, во 2006 година, имало сметка од 822 денари. Во 2017 година, кога ВМРО-ДПМНЕ си оди од власт, нема евтина тарифа и просечната цена за истите 250 киловат часови е 1634 денари, што е речиси двојно повисокo. Со доаѓање на СДСМ на власт и реализација на нашето ветување за враќање на евтината тарифа, за семејството што троши 250 киловат часови, на пример 150 во скапа тарифа, а 100 киловат часови во евтина тарифа, новата сметка за струја изнесува 1 309 денари, односно заштеда од 326 денари. Со новата цена на електричната енергија сметката за истото семејство и истите киловати ќе биде повисока за 97 денари и ќе изнесува 1406 денари, односно повторно има заштеда за разлика од претходно“,
рече Ковачевски.