Досега нема информации ниту обраќање од ниеден туроператор за откажување или за дилема за програмите за 2023 година, вели директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот
И покрај лажните дојави за бомби, нашата земја е безбедна дестинација и сите институции прават сè што е потребно за тоа да биде така. Она што нашите амбасади и конзуларни претставништва насекаде низ светот треба да го прават е да информираат дека сме сигурна дестинација и тоа не само за новогодишните празници, туку дека така ќе биде и целата 2023 година. Ова денеска на прес конференција го истакна Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Јаневски рече дека во текот на денешниот или утрешниот ден АППТ ќе упати писмо до нашите дипломатско конзуларни претставништва во странство што ќе треба да го препратат до сите институции и туроператори во земјата во која не претставуваат за да ги убедат дека сме сигурна дестинација. Досега, како што посочи Јаневски, нема информации дека има откажување на резервации поради лажните дојави за бомби.
„Заедно со Министерството за надворешни работи ќе се потрудиме да влијаеме смирувачки за туроператорите да ги остварат своите аранжмани и Македонија да остане како дестинација во нивните програми за 2023 година“,
рече Јаневски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Досега, додаде, немаме информации ниту обраќање од ни еден туроператор за откажување или за дилема околу програмите за 2023 година кога овој сегмент е во прашање.
„Нашата дестинација е позната по многу нешта. Ако нив ги форсираме и создадеме доволно атракции и еднодневни екскурзии и ако тие бидат во програмите на туристичките агенции и на туроператорите може да очекуваме дека туристите нема да го скратуваат престојот и ќе има екстензија и престој од ден или два повеќе. Всушност 2022 година покажа дека и домашните и странските туристи повеќе ни се задржувале во дестинацијата и тоа се ефектуира повеќе во вонпансионското трошење. Затоа девизниот прилив во туристичката индустрија ни е зголемен за 20 до 25 проценти“,
прецизира Јаневски.
Тој нагласи дека во годините што следат мора да докажеме дека имаме одржлива дестинација.
„Треба да работиме на зголемување и подобрување на човечките ресурси во туристичката индустрија и да изградиме висококвалификувани кадри. Преку нивно менаџирање ќе овозможиме внесување на европски и светски практики и во мнението и во сместувачките капацитети и во услугата“,
порача Јаневски.