Претседателот на парламентот го стави на дневен ред в четврток предлогот што го поднесе за дополнување на Деловникот, со цел да се овозможи и онлајн функционирање на законодавниот дом во услови на епидемија на ковид-19
Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик по здравјето на другите пратеници, тој е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на парламентот – дека на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Пратеникот, истовремено, електронски му доставува на претседателот на парламентот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието.
Ова го предвидуваат предлог-измените на Деловникот на Собранието што ги подготви спикерот Талат Џафери и ги стави на дневен ред на седница в четврток, во скратена постапка.
Со дополнувањата се предвидува да се додадат два нови става во членот 30 од Деловникот, кои се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.
Претседателот на Собранието ќе биде должен во евидентниот лист да го запишува пратеникот што учествува и одлучува на седница од далечина, но и со решението за свикување седница до пратениците да достави известување за тоа. Спикерот ќе мора пред да ја свика седницата да одржи координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.
На координацијата се повикуваат и претседателот на матичното работно тело и претседателот на Законодавно-правната комисија заради утврдување на потребата од одржување седница на работното тело на која пратеникот ќе учествува и одлучува од далечина. Координацијата се одржува најдоцна еден ден пред денот на свикувањето на седницата на Собранието.
За присутни пратеници на седницата се предлага да се сметаат и пратениците што известиле дека на седницата ќе учествуваат и ќе одлучуваат со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија. Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина.
Собранието, како што се предвидува, на пратеникот ќе мора да му овозможи употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија за учество и одлучување на седница на Собрание од далечина.
„За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско-комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието“,
се предвидува со предлогот.
Иако предлогот е ставен во агендата уште оваа седмица, не се знае кога би бил донесен, со оглед на тоа што за промена на Деловникот се потребни 61 глас. Мнозинството, кое брои 62 пратеници, моментно не е во можност да ги донесе измените во Деловникот поради отсуството на неколкумина пратеници од здравствени причини, дел поради тоа што се заразени или во изолација поради ковид-19.
Од друга страна, опозициските партии се противат на какво било онлајн-работење на Собранието, посочувајќи дека на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство.