Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реисот Шаќир Фетаху, околу мерките за штедење електрична енергија, а на истата тема тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква
Бектеши изјави дека голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ и ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се Албанци, Турци, а ќе биде во насока на активностите за справување со енергетската криза.
„Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар…за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на тој начин приходите во нашите семејства да не се скратат“,
рече Бектеши.
Фетаху од своја страна упати апел до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат. Тој најави дека веднаш ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на електрична енергија, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.
„Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства. Со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидам заедно со моите соработници и со верниците ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата“,
изјави Фетаху.
Министерот за економија Бектеши информираше дека негов тим денеска разговара со Македонската православна црква за да се одреди термин за средба на која ќе се разговара на оваа тема, а која, како што рече, очекува таа да се реализира неделава.
Одговарајќи на новинарско прашање, Бектеши соопшти дека в четврток заедно со директорот на Електрани на северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски и со директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи, ќе престојува во посета на Турција каде што главна тема на разговор ќе биде секторот енергетика.
„Ќе се разговара главно за секторот енергетика. Дали ќе има нешто конкретно, ќе информираме откако ќе се вратиме“
изјави Бектеши.
Инаку, во тек се преговорите за цената на струјата што треба да ја добиеме од Бугарија, а со Грција е договорено С Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут.